Првиот дипломат загубен во датумот – Пишува Горан Момироски

Деновиве во морето глупости искажани во јавниот простор во главава ми отчукува една информација слушната од шефот на дипломатијата, чинам на седница на собраниската комисија за надворешни работи.

Министерот Никола Димитров вели дека во текот на оваа година имал околу 190 средби со македонските дипломатски партнери. Претпоставувам најголем дел од нив се партнери од ЕУ затоа што нема логика повеќе да се среќавал со азиски, африкански или јужноамерикански дипломати.

Прашањето за тие 190 средби на кои се среќавал во најголем дел со германски, француски, шпански, италијански, дански, холандски и други дипломати е едноставно: Зошто Димитров не ја разбрал пораката која што сите ние ја разбравме пред неколку месеци а формално ја добивме на 17 октомври во Брисел од францускиот претседател Макрон.

Можам делумно да се согласам дека Македонија е жртва на комбинцијата од корумпираната и неспособна влада на Заев и внатрешните проблеми на Макрон во Франција каде што е изедначен во рејтингот со националистите на Ле Пен.

Но никако не можам да се согласам дека е нормално шефот на дипломатијата да не знаел и да не не подготви за тоа што ни се спремало на ЕУ самиотот во Брисел. Особено не можам да се согласам тој за неговите погрешните очекувања и лоши резултати да не преземе одговорност.

Има две можни причини зошто Димитров не ни кажа дека ќе бидеме блокирани од Франција.

Првата е дека во разговорите со 190 дипломати не сфатил што му зборуваат поради јазични, образовни, аналитички или дипломатски пропусти кај него или кај неговиот тим.

Втората е дека министерот за надворешни работи добро знаел што ни се подготвува и до самиот крај на ЕУ советот молчел и чекал да ни биде запечатена судбината пред да почне да плука по политичките ривали дека тие се виновни за неуспехот на владата чии ресурси троши.

Да беше доблесен како што не е, Димитров требаше уште во јули 2017 година кога потпиша во Нивици и не добивме датум да каже дека ситуацијата е тешка и дека е можно заедно со неговиот премиер попусто да го направиле националносто предавство.

Да беше доблесен по неуспешниот самит на ЕУ тивко ќе си заминеше кај своето семејство во Холандија и во историјата како човек кој ставил потпис на најкатастрофалниот договор за Македонија по тој од Букурешт. Разликата е во тоа што во 1913 некој друг одлучуваше за нас а сега тој своерачно како Македонец/граѓанин не избриша од мапата на достоинствени нации.

Да беше доблесен ќе се потсетеше на неговата изјава од летоска во врска со можноста Македонија да не добие зелено светло овој пат: „Нема да биде лесно за мене, како министер, да се вратам дома после октомври и да речам дека ќе одлучуваат идната година, потребно ни е политичко гориво за да продолжиме да одиме напред“.

Да беше доблесен тој немаше и покрај јавно искажаниот збор со огромна леснотија да се врати дома за да ја обвини предходната власт со која соработуваше од 2006 до 2013 дека е виновна за неговиот сегашен неуспех.

За морална и политичка одговорност се разбира нема простор да се дебатира со луѓе чиј главен аргумент се бројот на средби и посети, сликани фотографии на социјалните мрежи и кафеански средби со новинари и аналитичари.

Политичката одговорност овде се уште не вирее.

SHARE