Радев: Бугарија со кренато чело што не прати ниеден бугарски Евреин во конц-логорите

Бугарскиот претседател Румен Радев пред почетокот на Петтиот меѓународен форум за сеќавање на холокаустот во музејот „Јад Вашем“ во Тел Авив се пофали со улогата на неговиот народ во спасувањето на Евреите во тогашна Бугарија.

„Бугарија е тука со високо кренато чело, зошто не допушти ниту еден бугарски Евреин да биде испратен во логорите на смртта и можеме само да се горедееме со овој подвиг на бугарскиот народ, кој тука се цени исклучително високо“, изјави Радев, еден од 47 шефови на држави и влади на Форумот, меѓу кои и македонскиот претседател Стево Пендаровски.

Бугарски државници и општественици постојано нагласуваат дека нивната земја не депортирала ниту еден од 50.000 Евреи на својата територија. За разлика од Бугарија, на 11 март 1943 година од Македонија, во тоа време под бугарска окупација, 7.144 македонски Евреи или безмалку целокупната еврејска популација од Скопје, Битола и Штип, се испратени во Треблинка, каде што речиси сите се ликвидирани. Идентична судбина доживеаја и околу 4.000 Евреи од регионот Тракија во северниот дел на денешна Грција, во Втората светска војна исто така „администрирана“ од Бугарија, како што велат од тогашниот сојузник на Германија.

SHARE