Радев да не ѝ се сили на послабата Македонија, бара Плевнелиев

Поранешниот претседател на Бугарија, Росен Плевнелиев, го критикува сегашниот шеф на бугарската држава за популизам и покажување мускули на помалата и послаба Македонија.

„Претседателот Радев, во еден историски момент во кој Северна Македонија е на пат да добие покана за членство во ЕУ, на еден не само популистички, туку и лажно патриотски начин, демонстрира чудна решителност и активност, иако досега немаше систематски и проактивен пристап кон темата. Според мене, ова е наполно поради тоа што неговите надворешнополитички амбиции пропаднаа. Тој не ја користи довербата на светските лидери и единственото што му преостанува сега е да покажува мускули на помалата и послаба од нас Северна Македонија“, изјави претходникот на Радев во интервју за весникот „24 часа“.

Според Плевнелиев, апсурдно е да се зборува за ставање вето и тоа би било „голема историска грешка“.

„Кој друг ако не Бугарија да ѝ ја отвори вратата на Северна Македонија во ЕУ? Кој друг ако не Бугарија во решавачки момент ќе покаже историска мудрост, а не да понесе историски срам. Едно вето сега од Бугарија би изгледало смешно. Едноставно, би било национален нихилизам“, додаде бугарскиот претседател од 2007 до 2012 година.