Радувајте се академик Ќулавкова, Тричковски ве гони – Пишува Горан Момироски

Во нестабилната и конфузна Македонија во последниве неколку години има малку константи. Една од нив се именува како „Синдромот Тричковски“.

Се одликува со морална и интелектуално- поданичка реа која најпрвин навлегува во ноздрвите и ве иритира а потоа кога ќе се навикнете на неа само ве потсетува како функционира една друга константа со кодно име „Вицебулумента“.

Академикот Ќулавкова е неискусна во нечистите политички игри и затоа треба да знае дека кога ве напаѓаат опскурните ликови како Тричковски треба да сте горди. Да ве нападне некој од оваа булумента на платеници кои преку еден Вицепретседател се наградуваат за нивните плиткоумни манилупации значи дека сте на вистинската страна. На правдата и историја.

Овие денови нема поголема чест отколку да сте мета на Тричковски и другарчињата управувани од еден центар поточно вицецентар. Да сте мета на луѓе кои целосно се загубија во принципите кои за нив ги поставуваат луѓе скарани со моралот и принципите, е причина за гордост.

Академик Ќулавкова е мета на напад на политичките гуруа затоа што таа напиша нешто на што таа има целосно право. Како интелектуалец да ги опише состојбите во државата. Професорката е предмет на напад затоа што на сите име јасно дека таа е опасниот вирус кој целосно ќе го распадне ткивото од кое се хранат Тричковски и останатата булумента.

Вицеструктурите веднаш се обидоа нејзиниот твит „цената на соживотот ја плаќаме со животот“ да го прогласат за удар по меѓуетничкито соживот. Вицеактерите се обидуваат да прикажат дека таа небаре убила 4 деца и рибар на Смилковското езеро или дека убила 8 припадници на МВР во Питомо Насеље.

А што е неточно или погрешно во нејзините зборови? Кого таа нападна? Или тоа е неважно , најважно е дека нејзините зборови можат да се манипулираат за политички цели. Однапред ја осудија па дури и поднесоа кривична пријава (Хелсиншкиот комитет) за вербален деликт, за дело за кое се судеше во комунизмот и само во земји каде владее отворена диктатура.

За нас кои ги следиме и ги живееме овие напади е се јасно. Ќулавкова треба да биде дефокусот од апсолутната неспособност на власта да се справи со кризата од секој аспект. Медицински, менаџерски, економски, човечки.

Вицеобвинителите се обидуваат да прикажат дека академикот мислела на меѓуетничкиот соживот а забораваат притоа дека во оваа држава не се „соживува“ само со припадниците на другите етнички заедници.

Деновиве соживуваме со илјадници припадници на „Неодговорниот мултиетнички народ“ кои со своето поведение можат да им пресудат и на одговорните граѓани од сите заедници.

Месециве соживуваме со десетици политичари меѓу нив и медицински лица кои со нечинење или чинење го ширеа опасниот вирус за што со живот плаќаат други невини граѓани.

Годиниве соживуваме со стотици криминалци и корумпирани за чии погрешни проценки и коруптивни активности сите ќе плаќаме со живот, здравје или со сиромаштија.

Дури и да мислела на меѓуетничкот соживот координираниот напад врз неа налогодавците требаа да размислат пред дадат наредба. Да, за тоа што го напишала може да има дебата но не смее да биде однапред осудена за нешто што можеби не го ни помислила.

Особено академик Ќулавкова не може да биде судена и на клада запалена од тие што молчеа:
Кога Македонците беа означени како диво племе од верски поглавар
Кога Македонците се нарекуваа(т) Словени, Славомакеднци и Северномакедонци
Кога беа убивани македонски полицајци и војници
Кога се кршеа надгробни споменици на христијани
Кога се кршеа спомен плочи на убиени војници и полицајци
Кога вицебратот навредуваше „педери“ кои сакале да му ја урнат владата
Па ако сакате и кога партијата на власт СДСМ отворено ја нападна Алфа ТВ

Соживотот подразбира емпатија. Просто е. Без ваше разбирање за моите маки не можам да ја разберам вашата мака, без разлика дали се работи за заразувачи со Ковид19, неплаќачи на данок, непочитувачи на мерки, ескими или пингвини.

А колку во Македонија работите се изместени од корен покажува и примерот со телевизија Телма која беше „растргната“ на социјалните мрежи само затоа што вчера направи репортажа за почитување на антикорона мерките на повеќе локации меѓу кои и од Чаир.

Зарем и Телма е против соживотот? Зарем и колешката Жанета Лупевска е против соживотот затоа што го брани правото отворено да се разговара и да се објавува за сите аномалии без разлика дали се случуваат во Берово, Чаир или Центар Жупа. Се разбира дека не затоа што тие што ја познаваат Лупевска знаат дека не е ниту националист ниту мрзи на етничка основа.

Затоа академикот Ќулавкова треба да продолжи да го работи тоа што најдобро го знае. Да не запира да ги објаснува и да се бори во процесите за кои знае повеќе од сите нас. Особено за бугарскиот обид да ни го одземе македонскиот јазик и за обидот да се урниса македонскиот национален супстрат.

Упатените знаат. Нападот врз академикот не е поради седумте зборови кои може да се толкуваат на најмалку 10 различни начини. Туку затоа што таа заедно, со за жал, малкумина македонски интелектуалци покажа дека Македонците можат да се спротивстават со ум и аргументи секому кој ќе се обиде да ги понижи и да ги избрише.

А хиените ќе видат, ќе невидат и ќе заминат.

Откако предходно клучарот на нивниот кафез самиот ќе влезе таму каде што ги држи со помош на модифицираниот Павлов рефлекс во кој најважна улога игра бројот на нулите зад првиот нумерички знак.

SHARE