Ракометарите поразени и од Русија, утре за 15. место

Машката ракометна репрезентација на Македонија загуби од Русија со 30:28 на стартот од разигрувањето за пласман од 13 до 16 место на 26. Светско првенство во Германија и во Данска.

Утре во 13 часот избраниците на селекторот Раул Гонзалес ќе играат за 15. место против поразениот од натпреварот меѓу Катар и Чиле.

По двете стартни победи, „црвено-жолтите“ го најавија четвртиот пораз во низа по 10:10 во првото полувреме, кога му дозволија на противникот на полувреме да замине со водство од 17:14, а во средината на второто да дојде и до максимални 24:18.

Зрак надеж за резултатски приклучок во последен час се јави во финишот од средбата, но неколкуте удари во рамките на голот на ривалот го одредија конечниот победник во полза на „зборнаја“.

Рускиот голман Виктор Киреев беше нерешлива енигма за македонскиот напад, забележувајќи 19 успешни интервенции, а на спротивната страна му парираше Никола Митревски со 16 одбрани и еден постигнат гол.

Македонскиот капитен Кирил Лазаров беше прв стрелец на средбата со девет гола од 11 обиди.

SHARE

2 Коментари

Comments are closed.