Ракометарот Филип Лазаров позитивен на коронавирус

Филип Лазаров, кој за ракометната репрезентација на Македонија има 47 настапи и 133 гола, има позитивен тест на Ковид-19, потврдија од неговиот клуб Ратинген, регионален лигаш во Германија.

Помладиот брат на најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров се сомнева дека се заразил од сопатник во авионот на враќање од Македонија.

„Филип се обидел да закаже тестирање на аеродромот, но не успеал. Потоа отишол кај матичниот лекар, бидејќи почувствувал симптоми. Бил тестиран и резултатот е позитивен“, за локален медиум изјави извршниот директор на клубот, Бастијан Шлиркамп, кој истакна дека писмената потврда за ова сè уште се чека.

„Интересно е што и сопругата, и синот на Филип, се негативни на тестот“, додава тој.

Поради позитивниот тест, 35-годишниот лев бек е во самоизолација и не замина со екипата на подготовки во Холандија.

Клубот соопшти дека ги тестирал сите други ракометари и никој од нив не е позитивен на коронавирус.

SHARE