Организаторот на следните Олимписки игри во 2020 година, Јапонија, е првата пречка за машката ракометна репрезентација на Македонија денеска на Светското првенство во Германија и во Данска.

Избраниците на селекторот Раул Гонзалес ја имаат фаворитската улога, но на мегдан им излегува селекција предводена од клупата од поранешниот германски „изборник“, Исланѓанецот Дагур Сигурдсон.

„Има голема желба кај сите, посебно кај младите. Јапонија за нас не е аутсајдер. Ќе биде многу тежок натпревар. Играат многу добро. Но, и ние многу добро ги анализиравме. Ќе вложиме 100 проценти за да стартуваме со победа“, порача крилото на Вардар, Мартин Поповски.

По Јапонија, „црвено-жолтите“ во рамките на групата Б во „Олимпијахале“ во Минхен ќе ги одмерат силите и со Бахреин в недела од 14 часот, потоа со Хрватска в понеделник од 18 ч., со Шпанија в среда во тој термин и со Исланд в четврток исто така од 18 ч.

Место во втората фаза има за трите првопласирани селекции од групата.

SHARE

Оставете Коментар