Илија Срдановиќ, носител на победничката студентска листа на вонредните парламентарни избори во Србија, најави дека членовите на новата влада, вклучително и премиерот, ќе бидат избрани преку отворен меѓусебен демократски дијалог, а приоритет ќе имаат реформите во полицијата, обвинителството и судството.
Во своето прво интервју по победата за хрватскиот портал „Индекс“, Срдановиќ истакна дека студентите подготвиле широка листа од 250 експерти – економисти, правници, финансиски стручњаци, лекари, едукатори, културни работници и спортисти – која практично ги опфаќа сите сегменти на општеството.
„Сега имаме голем број мандати во Собранието и меѓу тие луѓе веќе има доволно кредибилни кандидати кои можат да бидат членови на владата или премиер. Во меѓусебен демократски дијалог ќе одлучиме кој ќе влезе во владата и ќе продолжи да ја води земјата во најдобар интерес на нашите граѓани“, изјави Срдановиќ.
Тој посочи дека задачата не е лесна, бидејќи многу институции треба да се ослободат од партиски назначени кадри кои, според него, направиле сериозни грешки.
„Затоа првите чекори во полицијата, обвинителството и судството ќе бидат многу важни“, нагласи Срдановиќ, додавајќи дека за успех на реформите се неопходни и слободни медиуми.
Движењето, кое прерасна во „Студентска листа“, според него претставува поширок граѓански собир што сака Србија да оди напред. Суштината, вели тој, е отвореноста за конструктивна соработка и дијалог со сите партии, што треба да придонесе и за стабилизирање на добрососедските односи.
Во однос на европските интеграции, Срдановиќ оцени дека иако во претходниот период е изгубена дел од поддршката, основните вредности на движењето се блиски до европските, па не гледа пречка за подобрување на соработката и продолжување на патот кон ЕУ.
Тој потврди и дека разговарал со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој му ја честитал победата и изразил надеж за понатамошна конкретна соработка откако ќе се формира новата влада.