Ректорот Јанкуловски до Најчевска: Цитирајте членови ако зборувате за кршење закони и устав

Ректорот на универзитетот Свети Кирил и Методиј Никола Јанкуловски бара професорката Мирјана Најчевска да цитира кои членови од законите и уставот се прекршени во писмото кое ректорската управа го испратила до факултетите во врска со можноста за формирање на нов синдикат.

Најчевска предходно оштро го нападна Јанкуловски без точно да каже што е законскиот проблем со писмото.

Реакцијата на ректорот:

“Поради службени обврски поврзани со работата на Интеруниверзитетската конференција, за жал не можев да ја следам прес конференцијата на почитуваната д-р Мирјана Најчевска, во изминатиот период в.д. директор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ. Меѓутоа, имав можност набрзина да го прочитам статус на нејзиниот профил на социјалната мрежа Фејсбук, па затоа поради краткиот рок, ќе го искажам мојот став во врска со нејзините ставови.

Мора да признаам дека сум крајно разочаран од искажаните ставови на проф. Најчевска во врска со иницијативата за синдикално организирање чија единствена и крајна цел е зголемување на платите на сите вработени, и наставен и ненаставен кадар, на сите државни универзитети. Крајно сум разочаран од неразбирањето на крајната и единствена цел која е искористена за други дневно-политички игри и цели.

Личниот став на проф. Најчевска е нејзино право, нејзиното членување во други синдикални организации со оваа иницијатива не е оспорено ни загрозено, но непријатно сум изненаден дека со нејзините ставови проф. Најчевска ги повикува вработените на УКИМ на бојкот, бојкот чија крајна цел е спротивен на интересот на сите вработени и не води кон подобрување на нивната материјално-финансиска состојба.

Имено, од нејзиниот напис произлегува апел до вработените на УКИМ дека единствен синдикат е синдикатот во кој таа членува, а тоа е Независниот академски синдикат и со тоа влијае на вработените на УКИМ врз нивното синдикално право на слободно формирање и здружување во синдикатот по нивен избор.

Во писмото од генералниот секретар на 2 места неспорно стои дека зачленувањето е доброволно. Во истото писмо се презентирани членови од законите каде е предвидено и дозволено синдикално организирање на ниво на работодавач, за разлика од професорката која зборува за прекршување на Уставот и законите, но само паушално, без цитирање на конкретни членови.

Во моментов, на сите јавни универзитети се формираат синдикати на ниво на работодавач, а потоа тие ќе се здружат во повисока форма на организирање – синдикат на јавни универзитети”, пишува Никола Јанкуловски во својата реакција до јавноста.

Професорката Мирјана Најчевска предходно на својот фејсбук профил реагираше на дописот што го упатил ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски.

Таа вели дека тој врши притисок и уцена да се формира синдикат кој ќе биде под директна контрола на генералниот секретар на ректорот.

,,Ректорот на УКИМ Јанкуловски (работодавач) денес(вчера,20.02.2020-н.з.) испрати допис до сите декани и директори на единиците на Универзитетот. Со овј допис ректорот (како работодавач) им наредува? наложува? ги поттикнува? ги уценува? вработените во високото образование да формираат синдикат (кој ќе биде под директен надзор на генералниот секретар на работодавачот, кој ќе му ги дава сите информации на генералниот секретар на работодавачот и кој ќе постапува согласно налозите на генералниот секретар на работодавачот).

Во дописот се поттикнува прекршување на законите на повеќе нивоа, се атакува на доброволноста на здружување и се врши најотворена уцена со закана: ако не го направите ова на начинот на кој ви диктира ректорот нема да има покачување на платите од 10%.

Што претставува овој допис освен директно кршење на Уставот, законите и поимот на синдикално здружување?“-прашува Најчевска, која не открива кој точно членови од законите и уставот се прекршени.

SHARE