Македонија освои или загуби бод, сеедно, ремизирајќи 24:24 со Исланд во четвртото коло од квалификациите, но остана прва во третата група и практично си го расчисти патот до нов настап на Европско ракометно првенство.

Избраниците на селекторот Данило Брестовац можат да жалат за победата што ја имаа в џеб, бидејќи во последната минута влегоа со минимално водство и со напад. Но, Кирил Лазаров брзо биеше во голманот, а гостите израмнија пет секунди до крајот под крената рака на судиите за пасивен напад.

Гледано од друг агол, пак, „црвено-жолтите“ можат да бидат и задоволни што не загубија, бидејќи Исланѓаните го добија првото полувреме со 11:10, а во средината на второто имаа и максимални 18:15, пред пресвртот со серијата од пет гола на Македонија без одговор.

Лазаров беше најефикасен во македонскиот табор со осум гола, колку што постигна и Омар Магнусон од тимот на Гудмундур Гудмундсон. По четири погодока за домаќинот запишаа Дејан Манасков и Филип Талески, а Борко Ристовски забележа 13 одбрани.

Во завршниот квалификациски турнус Македонија на 12 јуни ќе ѝ гостува на Турција во Ескишехир и четири дена подоцна ја пречекува Грција во Скопје.

Во другиот денешен дуел од групата Турците дома ги победија Грците со 26:23 и останаа трети со четири бода, еден помалку од Македонија и од Исланд, а Грција е последна со два.

SHARE

Оставете Коментар