Резил на јавна седница, Уставните судии не знаат што е пропис (ВИДЕО)

Уставниот суд ја отфрли иницијативата за оценување уставноста на одлуката на Собранието за уставни измени донесена на 19 октомври.

Шест судии гласаа за отфрлање на иницијативата, а тројца беа против.

Судот образложи дека оваа одлука не е пропис и затоа одлучил да не навлегува во оценување на уставноста на оваа одлука.

Пред гласањето за одлуката на Судот, се случи бурна расправа меѓу судиите дали треба да се прифатат двете иницијативи поднесени од страна на Светскиот македонски конгрес и од адвокат Томе Тодоровски од Свети Николе.

Судиите Јован Јосифовски и Елена Гошева сметаат дека отворањето на Уставот е важно прашање кое заслужува внимание и дека судот треба да ги земе во предвид двете иницијативи, пишува порталот пресингтв.мк.

Според Гошева, судот расправал и за далеку понебитни прашања, како тоа дали некои работници се отпуштени од работа по промена на власт и дека ова заслужувало внимание.

“Во однос на Собранието, исто како и за прашањето на референдумот не е наведено дека ќе се промени името на државата. Од каде му е на Собранието надлежноста да го промени името на државата”, – праша Гошева.

Јосифовски изрази став дека е спорен и делот каде за отворање на уставни измени се гласаше со 80 пратеници, повикувајќи се на одлуки на претседателите на Собранието, Стојан Андов и Тито Петровски, кога за двотретинско мнозинство барале 81 пратеник.

“Не може судот да бега и да вели дека не е пропис. Сметам дека треба да се утврди начинот на кој е донесена одлуката и дали е донесена со потребното мнозинство”, смета Јосифовски.

Судиите одбија за ова прашање да има јавна расправа и подготвителна седница, а подоцна да излезат со конечната одлука дали иницијативата е прифатена или отфрлена.

Видео од седницата

SHARE