Ристоска: За мене, СЈО беше симбол за борба за идеали, за правда, интегритет

Ленче Ристоска, обвинителка и портпаролка на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), јавно се збогува со институцијата што според новиот Закон за Јавното обвинителство од утре нема да постои.

„Горчлив е вкусот на разделбата и сите неостварени планови, но слатки се спомените за заеднички совладаните предизвици и споделената енергија. Денес се поздравивме со колегите од стручната и од административно-техничката служба и со истражителите. На вработените во СЈО денес им е последен работен ден и овие луѓе од денес остануваат без работа! Денес мојот стручен соработник ми вели: ‘Тажно е, обвинителке, ко средна школа кога завршуваш, четири години сме заедно, што сè не делевме, имаше периоди кога почесто бев на работа од дома’. И така беше…“, вели Ристоска во објавата на својата објава на социјалните мрежи.

„За мене, СЈО беше симбол за борба за идеали, за правда, интегритет, подобра иднина, борба против злоупотреби на системот, на послабите, на зависните, борба против неказнивост. Начинот на кој згасна СЈО, начинот на кој никој не најде храброст изречно да каже дека се укинува институцијата, мислам дека не заслужува коментар, затоа што борбата за правда е вистинска само кога е плод на внатрешен порив за одговорност, првенствено лична, па потоа на сите кои грешеле пред законите, порив за нетолеранција на неказнивост, порив за принципелно и однесување со интегритет“, додаде една од најблиските соработнички на шефицата Катица Јанева, која за случајот „Рекет“ доби седум години затвор.

SHARE