Ристова-Астеруд до Фрчкоски: Жално е од „уставотворец“ да се трансформирате во „уставоубиец“

И професорката Каролина Астеруд Ристова реагира на правното толкување на професорот Фрчкоски за објавувањето на Законот за јазици и уставните амандмани без потпис од претседателот.

Екс пратеничката на СДСМ смета дека нема никакво оправдување за упадот во уставниот поредок од страна на власта која што Фрчкоски се обидува да ја оправда.

“Го читам проф. Фрчкоски во една ФБ дебата (кај мојот пријател Boban Karapejovski) околу објавувањето на ЗУЈ 2018 во Службен весник на Република Макефонија без потпис на Претседателот на Република Македонија и дека ок било така да “ стапи во сила “ закон.

Професорката го цитира и му одговара директно на Фрчкоски:

“Вели тој, цитирам: “Не е тешка ! Просто и јасно ! Во правото постои правило : со кршење на закон не може да се создаде право ! Во таков случај актерите се слободни да го заобиколат кршителот на правото и да го воспостават него повторно ( се мисли на правото ) . Во овој случај кршењето на уставот од страна на претседателот не смее со толерирање да се претвори во “ право” и мора да се заобиколи со правно однесување кое го ревоспоставува правото . Ова независно дали си го саката Хорхе ( дома да си го носите ) а го мразите Заев на пример ….”.

Натаму во коментарите вели:

“Независно од постапката за казнување на прекршителот која е паралелна или може и да изостане како во случајов , правото мора да се ревоспостави а тоа е со објавување на законите со еден потпис . Бидејки тоа е уставната доминација на Парламентот врз волјата на Претседателот . Обратното значи дека претседателот се наметнал надвор од уставот врз волјата на парламентот ( Каква и да е таа)”, цитира Астеруд.

Ристова – Астеруд се прашува зошто во случајот Фрчкоски ги занемарува основните постулати на правото и владеењето.

“А проф. Фрчкоски да не ја заборавил попат поделбата на власта како темелна вредност и принцип на организација на власта во нашиот уставен поредок, во случајов во однос на законодавниот процес?

Освен во однос на случаите и начините наведени во уставот , не може и не смее на било кој друг начин да се супституира или корегира улогата на шефот на државата во тој процес , па и за перцепирани и наводни злоупотреби , а указите за законите и правото на вето на шефот на државата се клучни механизми за рамнотежа и контрола меѓу законодавната и извршната власт во законодавниот процес, во споредбеното право познати како check and balance, нели…

Конечно , како тоа шефот на државата наводно влегол во неправо кога нема уставен рок кога треба да потпише , намерно или ненамерно неставено од уставотворецот , никогаш несменето при било кое отварање на уставот за уставни амандмани , а во уставно- правната теорија познато како џебно вето ?

Ако некој не е приврзаник на таа и таква правна доктрина односно смета дека тоа е неприменлива доктрина кај нас, има други правни и институционални начини ( оние за неговата одговорност ) тоа да се расчисти и “ ревоспостави ” правото , професоре Фрчкоски.

“ Вака” Собранието не смее да го наметнува својот конечен збор во законодавниот процес , уште помалку Собранието редуцирано на индивидуални потфати на неговиот претседател како “ прв меѓу еднаквите “ ! Што ќе извади за следно, можеби самоволно ќе почне да лиферува автентични толкувања на законите во име на Собрание , па тоа не може ниту надлежната за тоа Законодавно-правна комисија , мора да и се потврди на пленум , така некако ?

Така да, ништо не го пере овој тежок упад во уставниот поредок, ниту во оперирањето на суверенитетот на граѓанството ( а шефот на државата е еден од клучните отелотворувачи на тој суверенитет , исто избран на непосредни избори како и Собранието!) , па ни вашата “ уставотворна екселенција” , всушност жално и срамно е тоа за вас во крајната фаза од кариерата од “уставотворец “ да се трансформирате во “ уставоубиец” , и ако се извози вака , со се друго и сите други вакви слични “ толкувања “, Македонија не само што абер нема од владеење на правото , туку и тоа што малку од малку го има , целосно се разградува .

Бидна ова , па исто неодамна добивме и “ правни толкувања “ дека гласачкиот цензус за референдум ( може и за избори?) не е правно- релевантен, камоли политички , па се измисли дека нашиот устав има и советодавни референдуми по своето правно дејство ( а уставот појасен не може да биде во сите свои одредби каде спомнува референдум, имаме само правно-обврзувачки !), итн .

Што е следното ? Претпоставувам развивање “правни толкувања “ зад кои демек стојат правни експерти со гравитас, дека собраниски и владин кворум за работа на овие две институции е непотребна гњаважа во одлучувањето, дотолку повеќе откако во неколку наврати низ годините констатиравме дека опозицијата не ни е потребна , а најново со ЗУЈ дури ни за системски закони , едноставно парламентарното мнозинство ќе си донесе обичен закон со кој ќе упадне во материја на системските закони , малце ќе се замачка тоа со евро знаменце (?!) , Бадинтер и слични мирудии , и -завршена работа .

Да не заборавиме дека и вакви закони , нели многу битни , се носат без предвидување на почек на законот ( vacatio legis) , небаре е воена или вонредна состојба , оти од искажувањето или молчењето на видни правни експерти , дознавме дека ваков клучен правен институт за внатрешната и надворешната моралност на законите не е ич битно , обична дребулија за да се маткаат таму правниците, нема врска со интегритетот и легитимитетот на правниот поредок , нема врска со неговиот демократски карактер , ама ич нема врска со гаранциите на правата и слободите на граѓанството , нема врска со здраворазумската и практична оперативност на законите .

Да не заборавивме , дознавме и дека “ од сега , панадаље и убудуче” во Македонија се укинува и друга уставна одредба, “ света крава “ на цивилизирани правни поредоци насекаде , таа за неказнување без претходно постоечки и дефинирани деликти ( нешто што правниците во сон го знаат како nullum crimen nulla poena sine lege ), ич да не правиме муабет за пропорционалноста пак на казните, со сите дополнителни епитети и со сите правни нишани со кои можат да се оквалификуваат ( особено во македонските економски услови , дефинитивно како “ сурови “ и “ невообичаени” ).

И проф. Фрчкоски збори за наводно неправо од страна на шефот на државата , а не ги гледа кратерските димензии на неправото во и на ЗУЈ ? И сето тоа и пред воопшто да дојдеме до самата проблематика на “ јазиците “, пред воопшто тоа да го отвориме , што таму е се неуставно, неправо, како и што се е флагрантна повреда и надминување на Рамковниот договор, сега веќе ставен и во Преамбулата на уставот , впрочем за тоа на долго и на широко се аргументираше и допрва треба и ќе се аргументира , правно и секако инаку , оти ова е закон – незакон , и , не – не е влезен во сила , ако Македонија сака да остане нормална држава!

Трката до правното и уставно-правното дно , но и под дното, а со тоа и за се друго, неизбежно, не е завршена, очигледно”, заклучува професорката Каролина Астеруд Ристова !