Романците, Хрватите и Бугарите најбројни доселеници во Германија лани

Југоисточна Европа, посебно Романија, Хрватска и Бугарија, предничат во емигрирањето во Германија, каде што доселениците од овие земји биле најбројни минатата година, пишува весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ).

Околу 400.000 луѓе повеќе се доселиле во „локомотивата“ на Европска унија лани во однос на тие што се иселиле од неа. Од дојденците 290.000 се од членки на ЕУ или од други земји од Европа, а повеќето од нив доаѓаат од југоисточниот дел на стариот континент.

Романската дијаспора во Германија во 2018 година се зголемила за 68.000 луѓе, а по неа се хрватската со 29.000 и бугарската со 27.000. Во просек по 185 Романци, 79 Хрвати и 74 Бугари секој ден се иселуваат во најголемата членка на ЕУ.

Од Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора, Србија и Косово, пак, минатата година во Германија се иселиле вкупно 50.000 лица.

Главниот мотив, пишува ФАЗ, е потрагата по работа, а најдефицитарни професии во Германија се лекарите и медицинските сестри, посебно негувател(к)ите на стари лица.

SHARE