Ромки од Бугарија во шема на фиктивни бракови со Албанци од Македонија

Две Ромки од бугарската општина Рила се дел од каналот за склучување фиктивни бракови од корист за двете „договорни страни“, стапувајќи во лажна брачна заедница со Албанци од Македонија, откри градоначалникот Георги Кабзималски.

„Од Рила има десет Ромки што склучиле фиктивни бракови во Кипар и две во Македонија. Оние во Македонија стапиле во брак со Албанци што живеат во Германија. На нивно име се регистрирани и човек-фирми со кои се повлекуваат пари. Една од тие фирми добила голема јавна нарачка од голема компанија. Оттаму ни се јавија и се интересираа кој е сопственикот на фирмата, бараа податоци. Се покажа дека фирмата е на една од Ромките“, изјави Кабзималски за порталот „Струма“.

Шемата во која се зборува дека се вмешани нотар и адвокати од Сандански и од Благоевград излезе на виделина со пресудата за Ромката Жана Сандина, на која Реонски суд од Дупница ѝ изрече парична казна од 1.000 лева за склучени два брака истовремено. За нив се дознало кога Сандина побарала социјална помош за двете деца од сопругот бугарски државјанин со кој живее во Рила, но се покажало дека таа има склучено брак и со Индиец од Никозија, Кипар. Во Општина Рила пристигнале документи за впишување на двата нејзини брака во општинските регистри. Покрај со Индиецот во 2014 година, таа се оженила и за државјанин на Бангладеш во 2016 година.

(Фотографијата е само илустрација на написот и нема врска со споменатите во него)

 

SHARE