Македонскиот светски познат стручњак од областа на медицината и професор на Универзитет „Колумбија“ во Њујорк, Горазд Росоклија, репостира на својот профил на „Фејсбук“ нешто што го објавил пред две години, а кое смета дека е соодветно и за актуелниот миг во кој се наоѓа Македонија по денешниот договор Заев-Ципрас.

„КРАТКА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНСКОТО ВРЕМЕ
(потсетување на пред две години напишаното)

Историското ВМРО е интелектуалната елита на Македонија.

Историската КПМ до 1945 година е интелектуалната елита на Македонија во која влезе и најголемиот дел на некогашната ВМРО-елита.

Примитивците, сељаците, провинцијалците (сите три обележја како културни категории, не како професионални или географски одредници) ги елиминираа паметните и чесните, ја киднапираа револуцијата и ја проституираа во сопствена полза.

Прво влегуваа во домовите на луѓето и грабаа сѐ што им се допаѓа, а потоа мораа украденото некаде да го сместат, па ги изградија вилите на Водно. Македонскиот Версај!

Претпоставувам, мирисот на тревата ги потсетуваше дека се овци во трлото на маршалот.

Според личниот (не)морал ги воспитуваа и своите наследници.

И токму тие нивни наследници останаа во Македонија, прилагодувајќи се на мултипартиската ДИКТАТУРА подобро од било кој.

Едуцирани колку што можеа да бидат во системот на образование, доедуцирани (индоктринирани) на курсевите организирани од разните НГО-а (сите исти), како што нивните претходници беа индоктринирани во Кумровец.

Интересот, а не идеологијата која ја немаа и ја немаат, ги зачлени во партиите, правилно распоредени во сите македонски партии без исклучок!

Некои се зачленуваа во една, други во неколку, сѐ според „идеологијата“ која партија што нуди во дадениот момент.

Ние ги гласавме и се каравме меѓу себе, се каравме за шљам од кој нормалните луѓе се срамат.

Во Македонија продолжија да се раѓаат и паметни, и воспитани на чесност, на морал, на етичност, цветот на македонскиот интелект и вредности. Тој цвет, ако успееше да излезе надвор од земјата, остана таму.

Тие што останаа во Македонија, ничиите деца, ничии партиски, деца на родители кои не испокрале за да имаат ‘статус’ во општеството, венееја и венеат сѐ до денес.

Без светлина за да прогледаат, без кислород за да дишат, загушени и тие и македонската држава од ‘децата на државата’ или од биолошките деца на ‘лоповската’ багра, или од партиски деца…

Како логичен резултат на ваквиот ‘историски развој’, имаме исчезнување на македонската држава и еден парадокс?

Луѓе кои со своите способности си ја отвориле вратата на светот и на кои оваа партија, онаа партија, топтан сите партии немаат ама баш ништо да им дадат, се залагаат за зачувување на македонската држава.

Луѓе кои на крајот на 2018 година ќе бидат на бугарска социјална помош со ЕУ-пари, се залагаат за што побрзо исчезнување на македонската држава и попатно ги плукаат првиве кои утре ќе ги молат да ги вработат како прислужници за да преживуваат.

Што ќе прават? Кај ќе одат? Од што ќе живеат? Како ќе живеат?

УКИМ, МАНУ, кои ќе бидат утре?

Стануваме територијално осакатена западно балканска провинција на најсиромашната балканска држава?

Ќе спиеме со главите закопани во песок или ќе се разбудиме и сопствената судбина ќе ја земеме во свои раце?“, прашува членот на Македонска академија на науките и уметностите надвор од работниот состав.