Русија исклучува Интернет


Руските власти обезбедија законска основа за исклучување на интернетот во земјата, по намерата на руската влада да создаде инфраструктура за „суверен“ интернет, кој Москва го претстави како неопходност за одбрана од надворешни хакерски напади, објави Индекс.хр.

Критичарите на Кремљ, од друга страна, на ова гледаат како форма на уште поголема цензура.

„Државата сега за прв пат има целосна техничка контрола врз Интернетот“, рече рускиот експерт за Интернет, Александар Исавин, од непрофитната организација „Роскомсбобод“ за борба против цензура.

Тој објаснува дека со новиот закон на државата и се дава право да контролира кога сака и колку сака.

Според новиот закон, Интернет-сообраќајот во Русија ќе се пренесува преку центри во земјата чија инфраструктура допрва треба да се гради, додека интернет-компаниите што работат во Русија се очекува да обезбедат и да инсталираат опрема потребна за успешна транзиција.

Сето ова веќе предизвика блокирање на бројни веб-страници на опозицијата во Русија, поради што илјадници луѓе протестираат против законот потпишан од рускиот претседател Владимир Путин уште во мај.

Портпаролот на Кремљ тврди дека Русија не сака да се исклучи од Интернет, туку се подготвува за можноста Западот да ја исклучи.

SHARE