Откако на стартот на Светското фудбалско првенство ја „демолира“ Саудиска Арабија, домаќинот Русија славеше уверлива победа и во својот втор настап, во кој на Египет не му помогна враќањето на теренот на ѕвездата на Ливерпул, Мохамед Салах, за да го избегне поразот од 3:1.

По првото полувреме без голови, Русите го отворија резултатот во 47. минута со автоголот на Ахмед Фати, од кој се одби топката по ударот од Роман Зобнин и заврши во мрежата. Денис Черишев ја зголеми предноста по додавањето од бекот Марио Фернандеш, а триумфот го завери Артем Ѕјуба. Почесниот погодок за африканската селекција беше дело на Салах од пенал, направен со прекршок токму врз него.

Русија ќе се пласира во осминафиналето, а Египќаните ќе си одат дома ако Саудиска Арабија утре не го победи Уругвај во Ростов на Дон.

Јапонија пријатно изненади со триумфот од 2:1 против Колумбија со головите на Кагава од пенал во 6. минута и на Осако во 73. минута, а за Јужноамериканците погоди Кинтеро во 39. минута.

Полска се посрамоти со двата примени гола по почетнички грешки на одбраната – прво со автоголот на Чионек во 37. минута, а потоа и со подарокот за Нианг во 60. минута – за поразот од 2:1 да го ублажи Криховјак четири минути пред крајот.