Oбвинителот Бурим Рустеми, кој го води случајот „Поштенска банка“, во денешното сведочење рече дека го сметал за апсурдно барањето на неговата шефица Катица Јанева да се изготви извештај за овој и за случајот „Империја“ за тоа колку штета треба да платат осомничените и да се затвори предметот во истрага, без некој да оди во затвор, пренесува „360 степени“.

Рустеми тврдел дека нведената варијанта беше апсурдна затоа што евентуалните спогодби кои би се склучиле спротивно на законот не може да поминат во суд, односно да се донесе пресуда од судија на претходна постапка, а тоа во наврати ѝ го рекол на Јанева.

„Ова размислување ме збуни и размислував за заднината на тоа, меѓутоа следните денови претпоставував дека можеби поради начелното правно мислење на Врховен од јануари 2019 Катица сака да ги затвори отворените истраги во СЈО. Само таа варијанта ми изгледаше до некаде логична. Кон средината на април се случи еден колегиум кога Јанева го повтори ова размислување, со тоа што кажа дека така треба да се постапува кон ‘Поштенска банка’ и ‘Империја’. Го затвори состанокот и немавме можност да се произнесеме и си заминавме“, рече Рустеми.