САД го сопреа „Јужен поток“, чиј крак требаше да има Македонија, откри Борисов

Бугарскиот премиер Бојко Борисов пред пратениците откри дека гасоводот „Јужен поток“, со кој требаше да се поврзе и Македонија, бил сопрен од САД и од западноевропските држави.

„Знаете зошто беше прекинат ‘Јужен поток’? Во пракса огромниот притисок од САД и од државите од Западна Европа и против ‘Јужен поток’, и против ‘Северен поток’, го правеа невозможен. Вложивме огромни напори и со рускиот премиер Медведев, и со претседателот Путин, и во моментов стартува проектот ‘Турски поток’. Проектот е стратешки, ние го нарекуваме ‘Балкански тек’, бидејќи поминува низ неколку држави во регионот, а и во Европа е прифатен многу позитивно“, одговори Борисов на пратеничко прашање за политиката на Владата во однос на развојот на односите со Русија за реализирање на бугарските национални интереси.

„Јужен поток“ почна да се гради во декември 2012 година, но Русија го прекина проектот две години подоцна поради пречките од Бугарија и од Европска унија, кризата околу Крим и европските санкции против Русија.

На 25 јули 2013 година тогашниот македонски вицепремиер Зоран Ставрески потпиша договор за поврзување на Македонија со еден крак со гасоводот.

SHARE