Долниот дом на американскиот Конгрес одобри нацрт-закон со кој марихуаната ќе се отстрани од федералната листа на опасни дроги.

Текстот бил прифатен со 228 гласа, а 164 пратеници биле против во Претставничкиот дом, но сега тој треба да биде одобрен од Сенатот, јави Си-ен-ен.

Со тоа се декриминализира поседувањето на марихуана на федерално ниво, кое Агенцијата за борба против дрога (ДЕА) ја смета за опасна како ЛСД, кокаин и хероин.

Ова е прв пат во последните 50 години Домот на Конгресот да ја разгледува класификацијата на марихуаната.

„Ова е историски момент“, рече пратеникот Тулси Габард пред гласањето. Ова е „чекор кон крајот на скапата и разорна американска војна против дрогата што ги претвора обичните Американци во криминалци, уништува семејства и уништува толку многу животи“, рече таа.

Според анкетите повеќе од две третини од Американците одобруваат легализација на марихуаната.

Потрошувачката на марихуана од медицински причини е легална во 33 од 50 држави и во Вашингтон , а за рекреативна употреба во 11 држави и во сојузната престолнина.

Пратениците го усвоија законот два дена откако Комисијата за наркотични средства на ООН го отстрани канабисот од списокот на најопасни дроги, меѓу кои се хероин и синтетички опијати.