Во рамките на програмата ЕРИП за замена на борбени системи од советско производство со вооружувување од западно потекло, Македонија доби 25 милиони долари за нови борбени возила.

Според порталот Балканска безбедносна мрежа (www.balkansec.net), со одобрените средства Армија на Република Македонија треба да замени 22 гасенични борбени возила, од кои 11 БМП-2 и 11 МТ-ЛБ.

За замената не се доволни тие пари, но можно е преку донација на половни американски борбени возила на пешадијата „Бредли“ или М113 да се направи најмодерна достапна модернизација.

Македонија е меѓу четирите балкански земји, вклучувајќи ги и Албанија, Босна и Херцеговина и Хрватска, кои ќе поделат 110 милиони долари од програмата ЕРИП.

„По кризата во Украина настана сериозен проблем, пред сè, кај набавката на резервни делови и кај ремонтот на техниката, бидејќи меѓу новите членки на НАТО и руските компании се испречи политиката. Запад ѝ воведе санкции на Русија, но од нив се изземени договорите за набавка на резервни делови и за ремонт на вооружувањето за да не се загрози борбената готовност на Алијансата. Долгорочно гледано, присуството на руска техника во арсеналот на Северноатлантскиот сојуз повеќе не е прифатливо“, пишува во текстот.