Њујоршката полиција соопшти дека уапсила околу 50 лица за време на протестот на приврзаниците на Бајден. На социјалните мрежи се споделуваат снимки на кои се гледаат демонстранти кои се борат со полицијата, маршираат низ улиците и го блокираат сообраќајот.

Ден по гласањето на претседателските избори во САД, демонстрантите излегоа на улиците во Њујорк. Некои носеа ознаки на демократскиот претседателски кандидат eо Бајден и нападнаа полицајци.

Во Портланд, полицијата за време на демонстрациите уапси десет лица и заплени пиротехнички средства, чекани и пушка.

Гувернерот на Орегон, Кејт Браун, ја активираше Националната гарда како одговор на „широко распространетото насилство“ ноќта по претседателските избори во САД.

Поддржувачите на Доналд Трамп, од кои некои вооружени со пушки и пиштоли, се собраа пред изборниот центар во Аризона во средата вечерта, откако се проширија гласини дека гласовите за републиканскиот претседател намерно не биле преброени.

Со извици „Престани да крадеш!“ и „Сметај го и мојот глас“, демонстрантите застанаа пред седиштето на изборната комисија во Феникс.

Протести се одржаа и во неколку други градови на САД во средата навечер, вклучувајќи ги Атланта, Детроит и Оукленд.

Демонстрантите бараат броењето на гласовите да продолжи непречено.