Стилијан Самарџиев од леринското село Крушоради необично храбро и отворено ги изложува своите погледи за „македонцките работи“, без страв од евентуални реперкусии. Напротив, од секој збор на родениот солунчанец извира гордоста што е Македонец и неизмерната љубов кон Македонија, па што сака нека биде.

„Вечниот Творец ме благослови да се родам во Македонија. Егејска Македонија, која денес е окупирана, но историски е македонска земја. Уште од млада возраст сум активен член на македонското малцинство во Грција. Почнав да ја проучувам македонската историја и сфатив дека во грчките училишта предаваат само пропаганда против Македонија. Живеам близу границата и често ја посетувам Македонија, што ме прави среќен. Имам пријатели во сите градови во Македонија“, вели вљубеникот во македонската традиционална музика и инструменталист во локални музички бендови.

Положбата на сонародниците во Грција ја оценува како тешка, а, според него, може да се подобри само преку поорганизирана политичка активност, посочувајќи ја тука партијата Виножито.

„Македонската заедница во Егејска Македонија има многу тешко минато. Да се биде Македонец во Егејска Македонија не е лесно. Последните години културно и преку музиката можеме да видиме дека Македонците направиле мали чекори за зачувување на нашите македонски традиции. Но, мораме да се обидеме повеќе да работиме и на политички план, за да му покажеме на целиот свет дека македонското малцинство во Грција е силно и обединето“, нагласува Самарџиев.

Од минатата година почнал да собира фотографии од села во Егејска Македонија, кои преку изложба и визуелно би го доловиле животот во нив некогаш и денес. Досега собрал над 4.500 фотографии.

„И покрај сите проблеми и недоразбирања, ние мораме да останеме силни и обединети Македонци. Сите ние имаме обврска да го заштитиме постоењето на нашата света нација. Нека Вечниот Творец на универзумот ги штити сите Македонци каде и да се“, посакува Самарџиев од Крушоради.

#МакедонцитеВоСветот