Само годината е различна, Македонците во бугарско – југословенските преговори од 11/1970 – Проф. Далибор Јовановски

Во последната колумна објавена во expres.mk пред повеќе од еден месец, напишав дека основите на тоа што сега владата во Софија го бара од Македонија како услов за поддршка во процесот на зачленување на нашата држава во ЕУ лежат во комунистичкото минато на нашиот источен сосед. Давањето на културни и национални права на Македонците во Пиринска Македонија или Благоевградската област, како што се нарекува во Бугарија, во времето на Георги Димитров веќе биле минато за време на владеењето на последниот комунистчки лидер на Бугарија, Тодор Живков.

Во тој период се оцртуваат контурите на бугарската политика кон современата и независна македонска држава, особено кога е во прашање потеклото на Македонците и македонската историја. Односите помеѓу СФР Југославија и НР Бугарија кон крајот на шеесеттите години на 20 век минувале низ една чувствителна фаза обремената со македонското прашање.

Двете држави се обидувале да ги подобрат односите, но тоа одело тешко. Тоа можеме да го забележиме и во кореспонденцијата помеѓу југословенскиот претседател Јосип Броз Тито и неговиот бугарски колега Тодор Живков.

Додека за бугарскиот лидер националното декларирање на граѓаните на СР Македонија и на оние од Благоевградската област било внатрешно прашање на двете соседни држави, за Тито биле проблематични изјавите на бугарските функционери кои сметале дека Македонците се Бугари или пак имале бугарско потекло.

Исто така за југословенската страна било проблематично славењето на Санстефанскиот прелиминарен мировен договор во соседна Бугарија, бидејќи на тој начин се барало ревизија на тогашните граници.

Исто така, во 1968 година во СР Македонија и во НР Бугарија биле одржани манифестации по повод 65 годишнината од Илинденското востание. Кај нас тоа било прославено како македонско востание, а во соседна Бугарија како востание на македонските Бугари.

Во насока да се дојде до некое решение поврзано со проблемите кои ги оптоварувале односите помеѓу Југославија и Бугарија во ноември 1970 година една југословенска делегација предводена од Вељко Влаховиќ ја посетила бугарската престолнина.

Во составот на југословенската делегација имало и двајца Македонци, Крсте Црвенковски и Кирил Миљовски, кој бил југословенски амбасадор во Софија.

Читателите треба да знаат дека во рамките на југословенските делегации кои ги посетувале Софија и Атина, скоро секогаш имало македонски претставници. Ова колку да се знае, а зошто било така е повеќе од јасно. На дводневните разговори, во суштина ги забележуваме контурите на денешната позиција на официјална Софија во однос на Македонија.

Разговорите биле отворени и водени без дипломатски ракавици. Водачот на бугарската делегација Борис Велчев забележал дека македонското прашање било прашање кое негативно влијаело на меѓудржавните односи, кое доколку не можело да биде решено тогаш требало да се остави на страна со цел да не влијае толку негативно на релациите помеѓу двете социјалистички држави.

На неговото излагање одговорил водачот на југословенската делегација кој истакнал дека во Бугарија кога се говори за Македонија се зборува за население, но не и за Македонци.

Тој забележал дека постои негирање на македонската посебност, а посбно впечатливи биле тврдењата дека македонската нација била вештачки создадена, теории кои ги слушаме и денес. Меѓу многуте забелешки на Влаховиќ интересен е еден детал. Според него „…излегува дека другите повеќе знаат за Македонците отколку самите Македонци и што тие треба или што не треба да прават“. Нешто што и денес ни се случува.

Велчев морал да одговри на тезите на Влахови, кој нагласил дека македонското прашање е централно во односите помеѓу двете соседни земји. Бугарскиот политичар ја повторил тезата дека националното самопределување, вклучувајки го и јазикот на населението во СР Македонија е внатрешно прашање, исто како и на она во Благовградската област.

Но, за денешните состојби интересни се неколку констатации на Велчев. Според него не може да се пишува историја врз база на фалсификување на изворите. Не може да се говори за постоење на Македонци во средниот век на територијата на регионот Македонија бидејќи основата на тогашното население било бугарска.

Бугарската влада нема да дозволи да се присвои дел од историјата на бугарскиот народ и тоа не може да биде прифатено. Тој предложил дури и во Протоколот кој требал да биде потпишан помеѓу двете држави да биде напишано дека во СР Македонија, како резултат на историските создадени претпоставки бил започнат процес на формирање на македонско национално сознание кој се уште трае.

Тој нагласил дека не можат да прифатат тој процес да се води на антибугарска позиција. Слично барање забележуваме и денес. Велчев се осврнал и на прославите за Санстефанскиот договор објаснувајќи дека Бугарија не можела да се откаже од тоа славење затоа што тогаш била ослободена, а тоа не значело дека неговата земја имала територијални претензии.

Е сега кога се во прашање прославите на настаните од минатото, тој се осврнал и некои востанија кои избувнале во османлиска Македонија. Тој саркастично забележал дали не смее Бугарија да ги прославува Кресненско – Разлошкото и Илинденското востание. И тука доаѓаме до тоа што денес претставува проблем во односите меѓу двата соседа и во работата на заедничката историска комисија.

Велчев рекол:„ А зошто тие и други настани да не ги прославуваме заедно и да ги претвориме во празници на нашето братство и нашашето дружење“.

Влаховиќ го потсетил Велчев на бугарското присуство во Србија и македонија во текот на Втората светска војна кога било говорено дека бугарската војска влегла во историските бугарски земји. Интересно е за читателите дека во овие разговори активно учевствувал и Крсте црвенковски, кој ја потсетил бугарската страна на некои моменти од минатото, но и го цитирал отец Паисиј за потребата Бугаринот да не се срами од бугарското име, алудирајќи на забелешките за средновековната историја на Македонија, потенцирајќи ја флуидноста на свеста на Балканот во минатото.

Разговорите завршиле без договор, кој реално не бил ни можен. Знаејќи ги овие факти лесно беше да се процени позицијата на владата во Софија во однос на Македонија и проблемите со комисијата за историја, но и со тврдењето дека населението во Македонија до 1944 година имало бугарска етничка свест и како резултат на комунистичката репресија дошло до промена на таа свест и создавање на македонската нација.

Нешто што е кажано пред пеесет години го слушаме и денес. На Балканот кога е во прашање нацијата и историјата, тука мислам на разликите во толкувањата, нема простор за приближување.

Можеби во иднина ќе дојде до тоа, но некои бегаат од европските примери, кои, колку и да звучи нереално и чудно за читателите, и одговараат на Македонија.

SHARE