Само кинеските милијардери го сочуваа богатството среде коронакриза

Кинезите се главните добитници меѓу милијардерите во време на кризата со коронавирусот, покажува специјалниот извештај на Истражувачкиот институт „Хурун“ за богатството на 100. најимотни луѓе на светот во последните два месеца.

Само деветмина од стоте најбогати го зголемиле своето богатство до крајот на март, сите од Кина.

„Најмногу профитира Ерик Јуан Зенг со видео-конференциската платформа ‘Зум’, кој заработи 3,5 милијарди американски долари. Со три милијарди профитираа производителите на свинско месо „Мујуан“, сопружниците Квин Јинглин и Квиан Јинг. Производителот на респиратори и на друга медицинска електронска опрема Алекс Ху Ханг ќари 2,8 милијарди долари. По 2,5 милијарди додадоа Лиу Јонгхао, сопственик на земјоделско-сточарскиот гигант „Њу хоуп“, како и Панг Канг, производител на пластика ‘Хаитиан’“, се вели во извештајот.

Најбогат кинески двоец и понатаму се основачот на „Алибаба“, Џек Ма, и генералниот менаџер на „Тенцент“, Пони Ма.

Кина додаде шест нови милијардери во светските „топ 100“, Индија загуби тројца, а САД двајца.

Најмногу загуби Бернар Арно, сопственик на луксузните брендови ЛВМХ, кој остана без 30 милијарди долари.

Лидер на листата останува Џеф Безос со 131 милијарда долари, девет милијарди помалку од пред два месеца.

„Првите два месеца од пандемијата го избришаа целото богатство создадено во последните 2,5 години. Богатството на најбогатите сто луѓе во светот падна за 12,6 проценти или 408 милијарди долари или во просек се губат 75 милиони долари дневно. Пред кризата имаше 2.816 милијардери во светот, но нивниот број во март се намали за 20 отсто“, стои во извештајот на „Хурун“.

SHARE