Само почекајте, Трамп ќе ви го спаси името! – пишува Драган Милосављевиќ

Името, дами и господа, ќе се менува и тука не можете да сторите токму баш ништо. Да можевте нешто да направите за да го спречите овој, во основа, тажен и понижувачки момент, немаше воопшто да дозволите за името воопшто да се преговара толку години.

Но штом свесно сте биле дел од процес кој во својата суштина, отсекогаш и од сите влади и преговарачи по ред, како единствена перспектива го имал токму ваквото финале, тогаш навистина е нелогична оваа вџашеност, огорченост и расплакана депримираност на (барем дел од ) македонскиот национален корпус.

Што очекувавте? На Грците да им здодее од преговори и да речат: Добро, ајде доста беше, влегувајте во НАТО и ЕУ, отсега ние ќе ви бидеме грб и поддршка драги браќа Македонци?!

Од Брисел да стигне наредба дека Атина мора да се повлече а Скопје да стане дел од друштвото бидејќи не е убаво во демократска Европа некој да се поигрува со судбината на соседот како ќе му текне и да се изживува со него само затоа што е помал, посиромашен и со поголеми домашни проблеми?

Впрочем сега конечно се потврди наивноста на онаа теза дека Македонија треба само да разговара, не и да преговара, па спорот нема да се реши и тогаш ќе се пријави во ОН дека е невозможно двете страни да дојдат до заеднички прифатливо решение и тогаш….И тогаш што?

Грчките претставници во десетици наврати весело не потсетуваа дека топката е на наша страна и дека ние сме тие што ќе мора да капитулираме, бидејќи нам ни се брза, а тие го имаат сето време на светов. Грција, вистина е, се има задолжено „ко Грчка“, се повеќе ја пристика бранот мигранти од Африка и Блискиот исток, а Ердоган на секои неколку месеци испраќа поздрави дека егејските острови не му се на Павлопулос од Бога дадени, но во споредба со нас, јужниот сосед е поим за стабилност, сувереност и ако баш сакате, национална сплотеност.

Може кој сака и кој нема друга работа, да си приплачува поради фактот дека ние самостојно не знаеме да се развиваме, ниту економски, ниту политички, ниту општествено и ниту во лудило демократски.

Џабе рикањето и нарикањето над судбината подмолна и зла! Големото албанско малцинство веќе не е малцинство туку втор носечки народ во државата и тој народ поддржан од соплемениците во Албанија и Косово недвосмислено кажува и покажува дека името, промената на уставот и откажувањето од македонското малцинство во соседните земји не му се важни колку што му е важно членството во НАТО и ЕУ.

И нема тука лутење, едноставно така стојат работите. Останатите големи етнички заедници исто така не паѓаат во несвест поради идната промена на личните документи и патни исправи, а не ги потресува ни тоа што утре задутре кај статутите на Филип и син му ќе биде ставен потсетник дека тие се хеленски херои и главни ширители на хеленската култура во античкиот свет. Политичката елита на Македонците е онаква каква што единствено може да биде во дадените услови и во дадената географска ширина и должина.

Ситни души, алчни измамници, бледи калкуланти, трговци во матно, случајни минувачи кои ја искористиле шансата да станат пратеници, министри, дипломати… токму и да сакаат, а нејќат, не би можеле да понудат повеќе од ова што ни го сервираат од самостојноста до денес како политичка понуда и како против услуга за тоа што сме ги ставиле на позиции од каде што можат да управуваат со нашите животи и судбини. Но, она што фасцинира во целата своја поразителна соголеност и она што на крајот може да и пресуди на државата со терминот Македонија во нејзиното сложено име, тоа е речиси неприродната поделеност по сите линии на јадрото на таа кутра држава, на оние што себеси се идентификуваат како Македонци.

Грубо кажано, пола народ плаче, писка, цвичи дека името Заев и Димитров го „шитнале“, но другата половина јавно или тајно ги фали истиве двајца за смелиот државнички потег со кој ја обезбедиле европската иднина и опстанокот на нацијата која морала да побегне од валаната балканска бара. Можеби вторава половина не е токму половина, можеби е и многу помала од првата, но тој недостаток го надокнадува со многу галама, со разни итроштини и спинерски финти, со нивни луѓе на стратешки места по медиуми, НВО-а, истражувачки центри, амбасадорски служби, а богами и со јасна и недвосмилена поддршка од надворешните пријатели.

Овие првите, плачковците, тие немаат ресурси, не се „курвини синови“ и како што вели онаа кутра жена во легендарната изјава за некогашната А1, „веќе нема каде да се обратат“ „више пукнаа“. Можно е во деновите што доѓаат да сведочиме на некои протестчиња од помал или поголем опфат, ќе се галами и на социјалните мрежи, можно е дури и да видиме по некој индивидуален чин на отпор, некакво самозапалување на очаен херој или нешто друго во таа смисла но реално толку се силите. Рака е подадена, потписот ќе се олади на хартијата, парламентот ќе изгласа и се како што треба ќе си се изврши по ред.

И не, нема да ја спасат ситуацијата Грците, џабе се дераат оние манијаци од Златна зора. Ципрас и Мицотакис знаат дека во раце имаат совршен Договор, дека отпорот е скршен и дека шансата која ним како генерација грчки политчки лидери им се укажа не смеат да ја пропуштат. Единствено ни станува да се понадеваме на, кој друг ако не тој, Доналд Трамп.

Човекот се што прави го прави совршено погрешно, секој потег му е контра од она што се бара и очекува од него како водач на најмоќната земја во светот. Она што беше незамисливо до неодамна, САД да се испокараат со ЕУ и со Канада ( Канада еј, па тоа е практично втора Америка), Трамп без проблеми успеа да го направи. Им наметна тарифи на Кинезите кога овие го затрупуваат светот со „се живо“ од Али експрес, им подигна ѕид на Мексиканците, се спријатели со неодоливиот буцко од Северна Кореја, си го бара Путин назад во Г8, им плаќа на порно ѕвезди за да молчат за некогашните сексуални враголии, буквално се што можеше, овој носител на бравурозна фризура го стори со ноншалантност и со убеденост на пророк.

Па тогаш зошто да не? Да му се испрати писмо на Трамп, нека отрчаат овие од дијаспората во Белата куќа, нека рашират карта на Европа, нека стават со пенкало една точка таму каде што е нашево државиче и гласно нека викнат: Ова е Северна Репубика Македонија. До неодамана Република Македонија но за инает, во вашиот мандат и го сменивме името, за да ве потсетува на Северна Кореја. Не велам дека се големи шансите ама кој знае, може да се налути човекот и со малку пакост кон ЕУ бидејќи не го слушаат, да нареди името на кобната балканска прчвара да си остане онакво какво што беше до времето на Обама. Република Македонија ерга омнес!