Владејачката партија најостро ги демантира лагите изнесени во телевизиската емисија „Клик плус“ на ТВ21, дека наводно на жители на Арачиново им било ветувано дека ќе бидат вработени дури 300 пилоти.

Станува збор за класични лажни вести изнесени од страна на извесен Шаби Билали, лице со сомнителен кредибилитет. Лицето кое го изнесува ова лажно тврдење е син на поранешен кандидат за градоначалник на Арачиново кој во Грција бил уапсен за нелегален транспорт на мигранти, а бил фатен и со наркотици. Дополнително, за време на кампањата за претседателските избори Билали сакал да отвори изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Арачиново иако таа партија таму нема никаква база, што дава и оправдан сомнеж за политичка заднина на изнесените невистини.

Од СДСМ велат дека зачудува потребата на ТВ 21 да остава медиумски простор на личности со сомнителна позадина и сомнителен кредибилитет, кои шират лаги за наводни вработувања на 300 пилоти, иако се знае дека потребата од пилоти во државата е далеку помала, без притоа да побара став од СДСМ.
„Апелираме до медиумите да ги проверуваат изнесените информации и на тој начин да дадат придонес во бробата против лажните вести“, пишува во демантот од СДСМ.

Од ТВ 21 реагираа на „прозивката“ од СДСМ:

„ТВ21 не ги поседува ресурсите кои ги има СДСМ за да го верификува идентитетот на одредена личност и неговите податоци во реално време, во живо, надвор од своите телевизиски студија, во општина каде е гостин“ се вели во реакцијата.

Нашата емисија „Click Plus одаја“, вчера во живо од Арачиново ги пренесуваше маките на тамошните жители и изборните верувања кои не се реализирани.

Како, вода за пиење, канализација, градинка, превоз за учениците, средно училиште, лекарски услуги 24/7, простор за младите, парк, шеталиште, фудбалски стадион..

Еден од жителите на Арачиново вчера раскажа дека едно од лажните изборни ветувања е и вработувањето на „300 пилоти“ доколку гласаат за одредена партија.
Концептот на “КЛИКПЛУС ОДАЈА во Арачиново беше ист како на минатите емисии, при што жителите сами раскажуваат за нереализираните ветувања од политичарите, со години и децении.

Исто беше и во Идризово и Визбегово, каде жителите ја поканија ТВ21 за да ги раскажат нивните маки. „Click Plus одаја“ е отворена за сите граѓани кои сакаат на ТВ21 да ги раскажат нивните проблеми и им овозможува на дискриминираните граѓани јавно да зборуваат“.

SHARE