Сè е во главите на „небањатите“, а? – Пишува Роберт Димитриевски

Што глави ќе да имаа, бе, „небањатине“, та предвидоа речиси сè што ѝ се случи на Македонија во последниве три години?

Последниот нивни погодок им го испорача привремениот министер за внатрешни работи Агим Нухиу, кој се пофали на Фејсбук, на албански, разбира се, дека потпишал некакви акти за вметнување и на неговиот мајчин јазик на ознаките од полициските униформи. И, каква ли случајност, за тоа го избрал денот кога пред 19 години кај Љуботенски Бачила загинаа осуммина резервисти на Армијата на Република Македонија од подметнати противтенковски мини од ОНА, од која произлезе партијата на Нухиу. Згора, тој не е кој било, ами технички шеф на МВР и во настаните од 27 април 2017 година, со кои кулминираа двоиполмесечните протести на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ против Тиранската платформа.

А пред да станат власт пред три години, од СДСМ убедуваа дека токму тоа што го направи Нухиу е „само во главите на вмровците“. Покрај нив, за „небањати“ ги прогласија и десетиците илјади партиски неопределени македонски граѓани, што протестираа 73 дена за тоа што не можеа или не сакаа да го видат само тие што тврдеа дека овие имаат „фекалии во главите“?!

Кој што има или нема во главата совршено прецизно покажува споредбата меѓу лагите на Заев и компанија пред да ѝ го сменат личниот опис на Македонија и опашките од тие лаги. Во главите на „небањатите“ беше и двојазичноста на целата територија на државата, па веќе втора година е реалност рамноправноста на албанскиот со македонскиот и во средините каде што не живее ниту еден Албанец.

Муртинецот и пајташите околу него устата пена им фати уверувајќи (нè) дека „нема промена на Уставот заради промена на уставното име“, па токму тоа го спроведоа без око да им трепне. „Го донеле Заев да го продаде името. Ајде мајката!“, е „славната“ изјава токму на несудениот нобеловец пред да ѝ кумуваат на „Северна“.

Според тоа, „изненаѓени и увреѓени“ од потегот на кадарот на ДУИ среде преговорите за нова Влада можат да бидат или да глумат само членовите, симпатизерите и тие што, и покрај сè, неодамна (повторно) гласаа за СДСМ. На сите други им беше јасно и пред три години, и сега, што ќе следува со операционализацијата на договорот на лидерите на партиите на Албанците од Македонија кај албанскиот премиер Еди Рама во Тирана.