Во име на коалицијата „Сега е време“ претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, вчера најави албанска влада како одговор на шпекулациите откако Зоран Заев најави дека е спремен да му даде пратеници на опозицската ВМРО-ДПМНЕ да формира малцинска влада за да се избегнат условувањата од Албанците…
„Слушам дека Заев и Мицкоски се подготвени да формираат македонска влада. Еве ви кажувам многу јасно и отворено, ако создадете влада само со македонски претставници ние ќе создадеме наша албанска влада“, рече Села од Струга.
Изјавата на Села доаѓа по изјавата на Заев во телевизискиот дуел со Мицкоски:
„Сум спремен со ВМРО-ДПМНЕ и сум спремен да отстапам со разговор со нашите пратеници 13 пратеници на господинот Мицкоски или колку ќе му требаат за 61 пратеници тој да формира малцинска влада или ќе бараме од него да отстапи 6 или колку ќе ни требаат нас за да може да формираме малцинска влада. Никој не смее под уцени да преговара“, изјави Заев.
На тоа Мицкоски одговори дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предводи идната влада и постојат други кои што се дел од коалицијата „Можеме“ а кои што се дел од пратеничките листи и самите изразуваат желба во иднина да ги поддржуваат политиките на ВМРО-ДПМНЕ.
„Математиката не ви е добра страна. И оваа математика е добра за општинските организаии на СДСМ, но по 15-ти јули на ВМРО-ДПМНЕ нема да му требаат повеќе од еден или два пратеника за да формира влада, а има повеќе кои овој изборен период сакаат да ги поддржат политиките на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Мицкоски.