Со триумфот над Хрватска од 22:20 во финалето во Стокхолм, кое го водеше македонската судиска двојка Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, машката ракометна репрезентација на Шпанија ја задржа титулата европски шампион.

Хрватите, пак, ниту во своето трето финале на еврошампионатите не стигнаа до златниот медал, како што беше случајот и во 2008 и во 2010 годинал

Одлуката за победникот падна во последната минута, а клучни се покажаа два момента со ексвардарци во главната улога: прво чекорите на Игор Карачиќ, а потоа и голот на Алекс Душебаев.

На „коцкестите“ не им помогна поддршката од 10.000 нивни навивачи, ниту одличната прва третина од мечот, кога во 18. минута водеа со 10:7, ниту предноста од 19:18 преку Лука Степанчиќ шест минути до крајот.

Втората европска титула на Шпанија ѝ донесе и директно учество на Олимписките игри во Токио.

На првото ЕП во три земји и со 24 селекции Македонија го заврши настапот уште по прелиминарната фаза и го освои 15. место.

SHARE