Штипјанка до Царовска: Да ѝ ја дадам мојата плата, може ќе ѝ остане некој денар

Ленче Здравева од Штип со личен пример се придружи на коментарите под статусот на Фејсбук на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која реагира за „целосно извртување на вистината“ од портали во врска со нејзината изјава во емисија на Сител за потребната сума пари за четиричлено семејство за живот месечно.

„Да ѝ ја дадам мојата плата, може ќе ѝ остане некој денар“, ѝ реплицира на министерката штипјанката, на чиј профил на Фејсбук стои дека работи во АД „Баргала“, а која објавува платна листа со износ од 11.030 денари.

Сумата е помала за речиси една третина од околу 17.000 денари (поточно 16.975) месечно што произлегуваат од изјавата на Царовска на Сител.

„Во емисијата ‘Детектор’ споделувам индикатор објавен минатата недела од Државниот завод за статистика, а не изразувам мој став. Во текстот подолу ја има целата изјава во која цитирам два извора кои објавуваат потребна сума на пари за живот во текот на месецот. Едниот е од синдикатите, другиот од статистика. Еве ја мојата целосна изјава.
‘Многу е субјективно за да може да кажеме колку би изнесувала. ‘Лајкин индикаторите’ кажуваат колку е. Вам ви требаат 203.700 денари на годишно ниво, четиричлено домаќинство со две деца до 14 години двајца возрасни. И тоа е речиси до минимална плата на месечно ниво. Тоа е како една пресметка. Ако одиме на синдикалната кошничка таа вели 32.000 денари, а тоа е два пати по ова што е тука пресметано. Но ако велиме квалитет на живот кој што значи се што ни недостига и се што одредено семејство му треба и сака да го прави, таа може да оди многу повеќе. Но не можеме да дискутираме и да креираме политики врз база на претпоставки. Сепак оние бројки кои што ги пресметува или синдикатот или Статистика како ‘лајкин индикатор’ треба да се основа за креирање на политики“, вели Царовска во својата реакција на Фејсбук.

SHARE