Што ни се случи со Тредичи, Фрикичи, Кикичи според Рајна Бурева

Најисмејуваниот шоумен во Македонија отвара телевизија, а на отварањето е присутна цела владеачка елита.

Во неа се вработуваат најпознатите истражувачки новинари. Формира здружение во чии највисоки органи членуваат политичари од партијата на власт.

За една година се открива дека телевизијата работи со приход од околу 40 мил. денари-премалку за еден таков медиум.

За кратко излегуваат снимки дека преку рекет обезбедува високи суми на пари од бизнисмен кој се гони во постапки на СЈО.

Комуникацијата на шоуменот со бизнисменот била поддржана од обвинителката, која требаше да донесе правда и мир.

Во нив се споменува и премиерот како дел од мрежата за ослободување или обвинување на лица од предметите на СЈО, тој што ќе го отвараше судството како пупка.

Невладината си собирала пари од компании, со образложение дека ќе гради објекти со социјална намена и тоа со поддршка на Владата. Се исплаќале огромни хонорари без покритие за истите.

Значи, си направиле систем во кој има: медиум, невладина, судска и извршна власт, кои си обезбедуваат постојан и нелегален приход од снимки, за кои се’ уште не е докажано, ни од каде потекнуваат, ни пак дали се целосни и веродостојни.

Е сега, интересно е тоа што во држава во која комшивката знае во колку часот сум си дошла од излегување, највисоките структури во власта, кои требаше да се борат против криминалот; најветувачкиот обвинителски тим, кој требаше да го разобличи “режимот” и најистакнатите истражувачки новинари не знаеле дека шоуменот рекетира на големо, а за тоа ги користи имињата на највлијателните од нив.

Сега премиерот е изненаден и ќе гони, а обвинителката ќе обелоденува истраги за владини и политички функционери, па така ќе ни било појасно.

Јасно ни е, сте се здружиле и сте мислеле дека нема да се дознае, па сте рекетирале на големо. Сега бродот тоне, па ќе си играте добар и лош полицаец, кој е виновен, кој не…

Ве молам, сите до еден, поштедете не од фарсата и соочете се последиците на вашето криминално делување!

SHARE