Силјановска: Бетонирана неодговорност

Со истата кал со која го „забетонираa“ идентитетот, се обидуваат да го забетонираат и 5 јули како датум за избори или, можеби, секоја следна недела ќе нафрлаат нов датум, користејќи го како PR алатка за обвинување на опозицијата за божемно бегство од избори, наместо да се соочат со грдата реалност на троцифрени новозаразени, на дневна основа.

Може ли во балканскиот Вухан да се спроведат и организираат избори и изборна кампања без да се стават кандидатите за пратеници во опасност или самоизолација и да го загрозат здравјето на граѓаните, како што се случи кандидатите на СДСМ од изборна единица 2, патем, доведувајќи ги во опасност институциите со кои тие раководат? Можете ли ходниците на избирачките места да ги претворите во чистилишта, а училниците и останатите затворени простории во кои се гласа во некој од деветте кругови, само поради тесните партиски интереси? Можете ли да ни објасните како протоколите за одење во маркет или аптека ќе ги користите на денот на изборите, кога во густо населените општини во изборните единици 1 и 2, во еден објект има 13, 14, па и 18 избирачки места во едно основно училиште во општина Аеродром, или 18.000 гласачи запишани на избирачки список?

Ќе имате ли храброст да го замените арбитрарното тестирање со реален скрининг според предвидените алгоритми на СЗО за да може да добиеме реална претстава за состојбите и врз основа на тоа, да изградиме план, стратегија и да и дадеме на јавноста соодветна навигација, или ќе продолжиме со ад хок мерките од денес за денес кои што ќе креираат гужва, паника и мешање на веќе познатите кластери преку масовна внатрешна миграција? Воедно прашувам дали ќе имате доблест да ја разрешите фантомската комисија која носеше одлуки во корист на партијата на власт и нејзиниот лидер и на нејзино место да поставите експерти, ослободени од политички притисоци?

Се додека бројот на новозаразени во континуитет не почне да се движи кон нулата, ниту политичарите, ниту јавноста треба да размислуваат за избори, туку за тоа како да го зачуваат своето здравје и здравјето на сите граѓаните.

Се додека медицинските лица, здравствените работници и експертите не стават јасно до знаење дека пандемијата е под контрола и опасноста и ризикот од ширење на вирусот е сведен на минимум, а при тоа, над глава да не им стои министерот кој се стави во позиција на портпарол на самиот себе во интерес на неочекувано покачениот рејтинг, наместо во интерес на здравјето на граѓаните, како и во полза на неговиот лидер, кому изборите му се прашање на “живот или смрт”.

Се додека сме во ситуација во која потребата на илјадници граѓани да го остварат своето уставно загарантирано право, има огромна можност да се претвори во ново ограничување на слободата и правото на движење, 5ти јули може да биде само недела, на која и јас и граѓаните ќе ви посакаме среќа на патот кон политичката, но за жал и здравствена бездна, каде избирачките одбори ќе бидат сериозно загрозени, а изборите ќе наликуваат на еднопартиски систем од минатото со вкупен број избирачи како за локален референдум на кој треба да се одлучува за комунално прашање, а не за парламентарни избори од кои зависи иднината на земјата и нејзините граѓани.

Изборите и се повеќе од потребни на Република Македонија, но не било какви, туку избори кои што ќе бидат фер, слободни и демократски, избори кои ќе и дадат легитимитет на новата влада да се соочи со предизвиците на надворешен и на внатрешен план. Ќе го има ли таквата влада легитимитетот ако изгубиме еден човечки живот повеќе, до нејзиното формирање.

Рационалното поимање и здравото логично размислување може свесно или несвесно во даден момент да го избегнуваме, особено ако “железните опинци” секој следен ден се потесни и потесни и повеќе стегаат, но здравјето на граѓаните не смееме никогаш да ги занемариме!

Проф. Гордана Силјановска Давкова

SHARE