Силјановска: Граѓан(к)и во вонредна состојба (Вонредна состојба/закани – 2 дел)

Пишува Проф. Др. Гордана Силјановска Давкова

Ме јаде јанѕа за слободата на мислата и нејзиното изразување, како и за правото на информирање. Обично, критичките медиуми, во услови на криза и вонредна состојба, се први на ударот на цензурата, која на македонско тло посеа семе дури и во „блескавото“, „извонредно“ време. „Вистиномерите“ не се водомери, топломери или струјомери, туку потенцијални цензори. Опасно е ако оние што го имаат првиот и последен збор во вонредната состојба, се вистиномерачите на тутуноберачите.

Не попусто, Томас Џеферсон вели: „Кога би морал да одлучам дали да имаме Влада или весници, без двоумење, би се определил за второто“
.
Не смееме да заборавиме дека „ ИСКЛУЧОКОТ“ е идеален амбиент за социјални експерименти: собрание без собир, виртуелна комуникација, гласање по интернет, работа од дома, образование од далечина, zoom-предавања, љубов без непосреден контакт, фамилија на растојание! Социјален инженеринг?

Знам дека на прашањето: „Дали сте за здравје или за приватност?“, – луѓето ќе одберат да одговорат со првиот дел од самото прашање. Но, дилемата: здравје или приватност е погрешна, затоа што и во вонредна состојба имаме потреба од обете. Може и без тоталитарни мерки да се запре вирусот. Мора да си го одбраниме и зачуваме граѓанскиот статус и во вонредни услови.

Ние имаме потреба и право на објективно и искрено информирање, нам ни треба соработка и солидарност (национална и меѓународна), учење и помош од другите, почит и недискриминација, одговорно однесување, емпатија, солидарност, хуманост. Централизираното и апсолутизираното управување и казните за непочитување на исклучителните правила не мора да се најдобро решение.

Јас сакам и во вонредна состојба да останам граѓанка, да одлучувам, да решавам, да ја критикувам Владата кога греши и да ја фалам кога добро работи. За мене, корона-вирусот е тест за граѓанскиот, но и за демократскиот капацитет.

Во вонредна состојба невладините организации и медиумите треба да се најважен граѓански сојузник. Но, шокирана сум од молкот на граѓанските организации, а да не говорам за (не)владините придружни вокали. Уште поразочарана сум од идолатријата на некои медиуми и новинари, кои повеќе звучат како владина логистичка поддршка, одошто како прецизен општествен микроскоп, што будно следи, прецизно дијагностицира и гласно обзнанува, огласува, разгласува, предупредува, ИНФОРМИРА!

Се разбира, воопшто, не сум изненадена од „ ренесансните аналитичари“ – меркантилисти и нивните вербални егзибиции по мера на инспираторот и финансиерот, кои никогаш не пишуваат по свое.

Ниту една влада не е совршена и безгрешна. Неконтролирината власт инклинира кон авторитаризам. „Енормната власт – енормно корумпира“, – вели лордот Актон.

Умна Влада во вонредна состојба не се затвора, туку се отвора, бара совети од Претседателот на државата, од народниот правобранител, соработува со опозицијата и споделува информации со неа, бара совети и мислења од експерти, се обидува да гради национален консензус за клучните прашања врзани за економијата, во пресрет на економската криза, ако не и депресија.

За жал, во оваа криза затаија глобалната хуманост и солидарност, толку неопходни во глобалната политика, којашто не е можна без глобална соработка.

Краткотрајната самоизолација помага во оневозможувањето на ширењето на вирусот, но долгата изолација се заканува со економска катастрофа. Политичката изолација, ароганција и самозадоволство, пак, туркаат во политичко (само)убиство!

Првиот дел од текстот овде

Силјановска: Полицискиот час не смее да значи полициска држава