Силјановска: Нема друг македонски народ, држава, јазик… Честит празник

Ние, Македонците, не сме поинакви од другите, пишува професорката Гордана Силјановска во честитката до македонскиот народ на празникот Ден на револуционерната борба 23 октомври.

“Ако нацијата е имагинарна заедница, имагинарноста не важи само за нас, ами за сите нации. Ако тие настанале во 19 и 20 век, тогаш и ние се вклопуваме во оваа тенденција.

Наше право е да бидеме македонски народ, да се идентификуваме како македонска нација, да се гордееме со македонската историја И култура, да го негуваме прекрасниот македонски јазик на кој пишувале и пееле славни писатели и поети, се образувале многу генерации, со страст го учеле немакедонци, јазични експерти тврделе и тврдат дека е посебен, милозвучен и мелодичен, дека пее и се смее кога се говори.

Никој, заради ниту една цел, без оглед со каков ореол е закитена, нема право да не обезнародува, обезличува и обезименува.

Немало друга модерна македонска нација, македонска држава, ниту друг македонски јазик! Секој народ има право на историја по свое, па и ние.

Честит празник!”, пишува Силјановска во обраќањето.

SHARE