Силјановска за црната кампања: Напаѓајте, јас не се симнувам во калта

Професорката Гордана Силјановска-Давкова, која на иницијатива на триесетина интелектуалци влезе во трка за натпартиски претседател на Македонија, на својот Фејсбук профил порача дека секојдневно добива напади и клевети, со цел да ја оттргнат од претседателската трка.

Таа на тие што ја водат црната кампања против неа им порачува дека нејзинот стил нема да се менува и таа нема намера да се симнува во калта.

„Од моментот кога ја најавив мојата кандидатура за претседателски кандидат, изложена сум на најнепримерени ad hominem напади, клевети и инсинуации. Доаѓаат од различни страни, и веројатно се наменети да ми ја скршат волјата и да ме натераат да се повлечам од валканиот политички ринг.

Но, сакам да ве уверам дека ќе одам до крај, затоа што мотивацијата и одважноста ги црпам од вас, граѓаните. Простете што не секогаш можам да одговорам на вашите повици, емаил пораки, пораки во инбокс, пораки пренесени преку моите блиски… Но, тие ми значат многу, и верувајте дека ги примам со должно внимание. Како професор по уставно право и политички систем, но и поради кусиот ангажман во политиката, а особено по се’ што преживеав во референдумската кампања од 2004 година, сите овие работи ми се многу добро познати, и за жал, очекувани.

Свесна сум дека пропагандната машинерија е ставена во погон. Но, ве уверувам дека мојот стил ќе биде поинаков. Јас немам намера да се симнувам во калта, да одговарам на ист начин, ниту да се бранам од лични дискредитации. Јас имам многу поголема цел пред себе, а тоа е нашата Македонија, која се брани со љубов, знаење и чест.

Секојдневно се потпирам на вашата граѓанска поддршка, црпам енергија од вашите насмевки и добри мисли, и така ќе продолжам да чекорам, се’ додека ја имам вашата поддршка. На сето она што е легитимен јавен интерес и ве засега, и како јавност и како граѓани, ќе одговорам доколку и штом станам и официјално претседателски кандидат. Бидете живи и здрави, и не се обѕирајте кон сите што патем (ќе) не’ напаѓаат. СИТЕ ЗАЕДНО ЗА МАКЕДОНИЈА!“, напиша Силјановска-Давкова.