Сите ривали на „Медена земја“ за престижниот Оскар

Во категоријата за најдобар документарец конкуренција на „Медена земја“ за „Оскар“ се два филма за војната во Сирија, еден документарец за политичката криза во Бразил и еден за фабрика со работници Кинези и Американци во САД.

„За Сама“ (For Sama), британско-американската копродукција кој во декември во Берлин ја доби наградата за најдобар документарец на Европската филмска академија (позната и како европски Оскар), зборува за петте години од животот на режисерката Ваад ал-Катеаб за време на востанието во Алепо…

„Пештерата“ (The Cave) е, исто така, сведоштво за војната во Сирија. Овој сириско-дански документарен филм на режисерот и продуцент Ферас Фајад ја прикажува лекарката Амани Балур во Гута која за време на граѓанската војна оперира во импровизирана болница во пештера.

Во бразилскиот „На работ на демократијата“ (The Edge of Democracy) режисерката Петра Коста од лична перспектива ја анализира социополитичката криза во земјата по подемот и падот на двајца бразилски претседатели.

„Американска фабрика“ (American Factory) во режија на Стивен Богнар и Џулија Рајхарт е документарец за кинеска компанија за производство на автостакла (Fuyao) која работи во згаснатата фабрика на „Џенерал моторс“ во Морејн, Охајо.

Интересно е што „Американска фабрика“ е прв филм на продуцентската компанија на Барак и Мишел Обама – „Higher Ground Productions“, продуциран за мрежата „Нетфликс“.

Четири конкуренти „Медена земја“ има и во категоријата за интернационален (неанглиски) филм, во која се и филмови од Полска, Шпанија, Јужна Кореја и Франција.

Јужнокорејскиот хит „Паразит“ (Parasite) на режисерот Бон Џун-хо е номиниран за Оскар во шест категории.

Француската драма „Les Misérables“  е прв игран филм на режисерот и актер Лаџ Ли, кој бил мотивиран од полициска бруталност кон млад црнец во  Монфермеј.

Шпанскиот „Болка и слава“ (Dolor y gloria) на Педро Алмодовар покрај номинацијата за Оскар за интернационален филм, има и номинација за најдобар актер.

Во трка за Оскарот во овој филм е Антонио Бандерас, кој за оваа улога во филмот беше награден и на фестивалот во Кан. Магазинот „Тајм“ го прогласи за најдобар филм во годината, а триумфираше и на доделувањето на наградите „Гоја“ на Шпанската филмска академија.

„Болка и слава“ во септември го отвори фестивалот „Браќа Манаки“, а гостин во Битола беше кинематограферот на филмот Хозе Луис Алкаине.

За најдобар интернационален филм на 92. доделување на Оскар е номиниран и полскиот филм „Corpus Christi“ на режисерот Јан Комаса, премиерно прикажан на фестивалот во Венеција. Во фокусот на филмот е духовната трансформација на 20-годишник кој во затвор за млади издржува казна за убиство.

Добитниците на Оскар за најдобро филмско остварување во 2019-та во 24 категории ќе ги дознаеме идниот понеделник. Петчлената филмска екипа на „Медена земја“ и протагонистката во филмот – пчеларката Атиџе Муратова, ќе бидат меѓу холивудската елита во театарот „Долби“ во Лос Анџелес на 92-то доделување на најпознатата филмска награда.

Оскаровската вечер, која ќе се одржи на 9 февруари (по наше време на 10 февруари од 2 часот), е најгледан настан што се пренесува во повеќе од 200 земји и територии во светот.

Плусинфо

SHARE