Од утре во сила е новиот Закон за Јавното обвинителство, кој беше донесен во февруари, пред распуштањето на парламентот, со што официјално завршува важноста на Законот за Специјалното јавно обвинителство.

Прислушуваните разговори кои беа основа за работата на СЈО повеќе нема да можат да бидат основа за подигнување нови обвиненија, туку тие само ќе служат како индиции. Сите прислушувани разговори што не се предадени во судот како докази или индиции во истраги, законот предвидува да се уништат.

Од обвинителството убедуваат дека истрагите за сите предмети на СЈО продолжуваат.

„Обвинителите континуирано постапуваат по сите предмети. Зависно од фазата во која беше преземен секој од предметите, се продолжи со дејствијата и постапките течат. Здравствената криза донесе застој во сите области на живеењето, па така и во работењето на правосудните органи, што беше наметнато од приоритетот да се обезбеди здравјето на сите лица инволвирани во постапките. Напомнувам дека обвинителите постапуваат во предметите и по нив ќе се донесуваат одлуки за кои јавноста благовремено ќе биде запознаена. Предметите на СЈО, Јавното обвинителство ги презема за да продолжат постапките и сторителите на кривични дела да ја добијат заслужената казна. Обвинителството нема да ја повтори грешката, кога заради непостапување по конкретните случаи се формира СЈО. Поради тоа, ве уверувам дека овие предмети ќе добијат завршница“,вели Љубомир Јовески за МИА.

SHARE