Случај ,,Рекет”: Дали ЗНМ ги знае надлежностите на АВМУ?

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е непријатно изненадена од соопштението на Здружението на новинари на Македонија во кое тенденциозно се сугерира дека Агенцијата не постапила во врска со можната злоупотреба на 1 ТВ за нелегални активности.

“Дејствувањето на Бојан Јовановски и евентуалната злоупотреба на медиумот од негова страна се предмет на постапување на обвинителството, судството, финансовата полиција, а не на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, којашто го следи почитувањето на законите за медиуми”, се вели во реакцијата на АВМУ.

Во овој контекст, се вели, “Агенцијата континуирано вршела надзор врз радиодифузерите, при што правилата за сопственичка структура не се исклучок. На 4 јули, донесена е одлука за поведување постапка за проверка на сознанијата дали Бојан Јовановски е сопственик на 1 ТВ, односно дали е нејзин таен содружник. Постапка (во февруари) беше поведена и поради именување на сопругата на еден од основачите на 1 ТВ за носител на јавна функција. Јавни реакции беа упатени и поради прекршување на програмските стандарди и заканите кон новинарка од друг медиум поради нејзините критики за емисија што се емитуваше на 1 ТВ”.

Законите за медиуми не му даваат надлежност на регулаторот да го испитува потеклото на капиталот. Оттаму, Агенцијата е зачудена од барањето на ЗНМ да се спроведе итен вонреден надзор со цел да се утврди дали телевизијата 1ТВ ги има прекршено одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и имајќи го предвид претходно наведеното, нејасно е што се очекува да се констатира со надзорот.

“Секое поинакво прикажување на надлежностите и работењето на Агенцијата во јавноста, не е ништо друго туку само уште еден во низата обиди за нејзина дискредитација, чија цел е да се оправда општиот неуспех на сите релевантни чинители во медиумската сфера за да се создаде поволен амбиент за работата на медиумите.

Агенцијата во повеќе наврати повторуваше дека кадровските промени не се решение за состојбата во медиумите туку дека е потребно заедничко дејствување и на регулаторот и на ЗНМ, синдикатот, Советот за етика, медиумските работници”, пишува во реакцијата на АВМУ.

SHARE