Случајот „Рекет“ оди на суд


Обвинителниот акт за случајот Рекет, е одобрен, соопштија од Кривичниот суд.

Советот за оценка на обвинителен акт на Основниот кривичен суд на денешна седница ги отфрлил приговорите поднесени од осомничените во случајот и го прифаќа обвинението.

Следен чекор е оформување кривичен предмет кој согласно АКМИС системот ќе биде распределен на понатамошно постапување и ќе биде закажан термин за одржување на јавна главна расправа.

Обвинение за случајот во кој се обвинети Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милески – Кичеец беше подигнато на 10 октомври.

Според Обвинението, првообвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13, од лани во ноември до април годинава, влијаел на второобвинетата Катица Јанева да ја олесни положбата на притворениот сведок Орце Камчев, кој во предметот „Империја“ е еден од осомничените. Третообвинетиот Зоран Милевски – Кичеец ги договарал средбите на Јовановски со сопругата на Камчев, а подоцна и со Камчев, уверувајќи ги во неговото влијание врз тогаш специјалната јавна обвинителка Јанева.