Смрт на фашизмот, слобода на народот! – Пишува Роберт Димитриевски

Не, не е време комитско. Време партизанско е. Осум децении откога се крена против фашизмот, македонскиот народ повторно се соочува со истата закана за своето постоење. Повампирените сеништа од минатото одново го враќаат на извориштето на, очигледно, никогаш незавршената борба за сопствена државност, за правото на самоидентификација и за себеименување по своја волја. Славна антифашистичка епопеја во која беше на вистинската страна на историјата и во која даде 25.000 жртви, за денес сето тоа да го оспоруваат тогаш поразените, здружени со лажни интернационалисти од домашен „происход“.

Парадоксално, токму вториве станаа поголеми џелати на народот на кој само номинално му припаѓаат, а во суштина се срамат од него, го етикетираат како небањат, со влакна во носот (како тие да немаат), со фекалии во главите (што ли имаат тие во нив?). Само затоа што не можат да го убедат колку прогресивна им е одлуката да му ја погазат јасно изразената волја со бојкотот на пропаднатиот референдум и насилно да им го сменат личниот опис и нему и на државата. И мува не ги лази кога уриваат рекорди со кокодакање на „Северна“ по 268 пати во една реченица, додека ги товарат магарињата со народната мака и од уста одвоеното за нивните плати, патни трошоци, аздисувања и баханалии.

Еј, дојде време во Република Македонија да се забранува употребата на тоа име во името на некаков договор, кој ниту некој им го одобри, ниту им го прифаќа?! Сменија министерка токму поради Република Македонија, и тоа откако нивните мегафони најмизерно ја навредуваа на етничка основа, пет пари не давајќи за болното минато на нејзиниот народ во Втората светска војна. „Македонија“ ѝ пресуди на првата Еврејка член на македонска Влада во историјата, чија „глава“ ја побара партијата што сè уште во името има – Македонија?!

Самонаречените наследници на комунистите и на партијата произлезена од народноослободителната борба плукнаа на нивните гробови и удрија врз асномските темели на македонската државност. Продолжуваат да газат и да поганат сè што му е свето на овој народ, напати поревносно и од фашистите во средината на минатиот век. Единствената разлика е што не ликвидираат физички, туку суптилно, со обесмислување на останувањето на родните огништа на сè повеќе и повеќе македонски граѓани, кои катаден заминуваат во белиот свет во потрага по барем малку попристоен живот.

На Македонецот никогаш не му било лесно, но веќе станува неподносливо и за немакедонците во жална Македонија. „Отстрелот“ на Рашела Мизрахи покажува дека нема пардон ни за нив ако му застанат на патот на неофашистичкото чудовиште. Кога ни кон Еврејка се немаат никакви скрупули, ситуацијата почнува неодоливо да потсетува на времињата за кои се мислеше дека човештвото неповратно ги остави зад себе.

Уште е време партизанско. А паролата „смрт на фашизмот, слобода на народот!“ никогаш не била поактуелна.

SHARE