Со корпоративен фитнес до рамнотежа меѓу работата и приватниот живот

Во последните неколку години, научниците, лекарите и експертите за човечки ресурси се сѐ погласни во пренесување на пораката дека долгочасовното седење сериозно го нарушува здравјето, негативно влијае врз многу системи на човечкиот организам како што е нервниот систем, коските и ‘рбетниот столб, па дури и дека го скратува животниот век.

Со желба и намера да понудиме соодветни и применливи решенија кои вработените и компаниите можат да ги практикуваат, одлучивме да креираме серија написи и разговаравме со Тодор Досевски – професионален фитнес тренер со интернационално искуство и дипломиран професор по физичко образование, спорт и здравје.

Со негова помош, ќе ви ги пренесеме најновите светски трендови за воспоставување рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот, корпоративниот фитнес како нова пракса во компаниите, бенефитот од здрави и задоволни вработени, стрес менаџмент и продуктивност, поставување паметни цели и нови предизвици на работното место.

Во оваа прилика преку интервју доаѓаме до основните податоци за корпоративниот фитнес:

Expres.mk: Може ли да го појасните поимот корпоративен фитнес?

Одговор: Корпоративниот фитнес претставува било каква активност за подобрување на здравјето на работното место, намалување на стресот, подобрување на добросостојбата и организациската ефективност.

Еxpres.mk: Што сѐ опфаќа и вклучува корпоративниот фитнес?

Одговор: Корпоративниот фитнес најчесто опфаќа активности како што се, фитнес часови, здравствено образование, семинари, програми за менаџирање на телесната тежина, “тим билдинг” итн.

Expres.mk: Како корпоративниот фитнес може да влијае на вработените и успехот на компанијата?

Одговор: Многу истражувања покажуваат дека корпоративниот фитнес влијае позитивно и на вработените и на компанијата. Кај вработените го зголемува моралот, кога вработените се физички активни тие автоматски се и посреќни, се подобрува продуктивноста, се развива тимскиот дух, комуникацијата и другарството помеѓу вработените.

Во однос на компанијата вреди да се напомене, намалено отсуство од работа и намалено боледување во текот на годината, со што работодавецот автоматски генерира заштеда во своето работење, и секако, задржување на вработените што подолго во компанијата која преку програмите како што се корпоративен фитнес, долгорочно придонесува за посветени и лојални вработени.

Еxpres.mk: Кои се предностите на корпоративниот фитнес кои би сакале да ги истакнете во споредба со друг тип на спортски активности?

Одговор: Тоа е убавината на корпоративниот фитнес, сам по себе е уникатен, и можностите се неограничени. Една од главните предности е што може да се практикува на работното место, во или после работното време.

Expres.mk: Што е она што би сакале да им го препорачате на читателите?

Одговор: Живееме во едно стресно време во кое поради секојдневните проблеми и обврски се помалку време имаме за своето тело и добросостојбата, се околу нас е поважно, мислам на децата, работата, кариерата итн. Треба да ја најдеме вистинската формула на баланс помеѓу работата, семејството, обврските и физичката активност заедно со грижата за сопственото тело.

Expres.mk: Може ли да ни ги најавите темите за кои ќе пишувате на нашиот портал?

Одговор: Темите се строга тајна, се шегувам само, се разбира, ќе пишувам за важноста на физичката активност во животот на еден човек, за здравиот начин на исхрана, за промена на животниот стил итн. Се надевам ќе биде тоа малку поинаков аспект, не дека овие теми не се обработени, се и тоа како, но денес живееме во време кога сме опсипани од многу информации, но малку од тоа имплементираме во нашиот живот. Сакам читателите да го земат најважното од информацијата и да го применат во секојдневието. Не само да бидат конзументи на информации. Само тогаш ќе правиме вистинска разлика.

Интервјуто за Expres.mk го реализираше Катерина Златановска Попова – сертифициран кариерен советник; katerina.zp@expres.com.mk

За контакт и консултација со Тодор Досевски следете го на: Personalen Trener – Todor Dosevski, тел:078 447 742