Со раст на БДП како досега, Македонија ќе ја стигне ЕУ за 75 години!

Просечниот годишен раст на бруто домашниот производ на Македонија во последните 19 години е 2,8 проценти и со такво темпо таа ќе го достигне просекот на Европска унија по 75 години, е заклучокот во извештајот на Светска банка.

Пооптимистичкото сценарио, пак, предвидува просекот на ЕУ да се досегне за 30 години со годишен раст на БДП од 5 отсто.

Во извештајот на Светската банка се потенцира дека стапката на економски раст на кандидатката за ЕУ во 2018 година е пониска отколку во другите земји од Западен Балкан. Околу 25 проценти од населението на земјата живее во сиромаштија, а само 50 отсто од работоспособното население има работа. Покрај тоа, над 80 проценти од невработените бараат работа повеќе од една година, а 70 отсто од нив немаат претходно работно искуство.

За надминување на ваквата состојба Банката ѝ препорачува на Македонија да го елиминира заостанувањето во областите како што се управувањето, политичката стабилност, изборниот систем, одговорноста, владеењето на правото и борбата против корупцијата.

SHARE