Собранието го притисна Димитров, бара документација за средби со грчки контакти

Комисијата за надворешна политика во Собранието бара целосна документација за средбите што министерот за надворешни работи ги имал со грчки претставници.

Од Димитров се бараат сите предлог спогодби и предлози како и и другата комуникација меѓу двете земји во врска со името.

Во барањето потпишано од претседателот на комисијата Антонио Милошоски се наведува дека за да се запазат принципите на инклузивност и отчетност наведени во ставот 8 на членот 6 од Законот за надворешни работи министерот во најкус можен рок треба да ги предаде сите барани списи.

Пристап до бараните документи имаат право сите членови на комисијата со безбедносен сертификат, го потсетува Димитров претседателот на Комисијата Антонио Милошоски.

Милошоски и Димитров во 2011 година беа ко-агенти на Македонија во процесот против Грција пред судот на правдата во Хаг.