Ич не мораат да се „пренемагаат“ за да си го менуваат името на партијата. Можат комотно да си го задржат сегашното, исто им се фаќа. По сè што направија во овие 28 години независност, а посебно во последниве 20 месеци откога се на власт, насловот најблиску им ги дефинира четирите букви од акронимот. Со социјалдемократијата имаат врска колку миротворството и осиромашениот ураниум, а со Македонија ни толку. Единствен неспорен дел од името им е она „сојуз“, имајќи предвид со кого сè не се усојузија против родната земја и македонскиот народ.

Менувањето на личниот опис на државата и на нејзиното мнозинско население преку прифаќањето на погубните Преспански договор и Тиранска платформа се само врвот на ледениот брег откако ја водат северната им Македонија. Јавашлакот, непотизмот, алчноста, некадарноста, деструкцијата, подаништвото, злобата, лажниот космополитизам, омаловажувањето на своето и глорифицирањето на туѓото, исмевањето на патриотизмот, навредувањето на сонародниците како небањати и со фекалии во главите им се само дел од атрибутите пресликани во стилот на владеење.

За себе, пак, сè најдобро. Од Бога биле предодредени (црпнати од нива) за да владеат, а ниедна вера се – бездушно грабаат од сиромашните за да им (до)дадат на богатите од сопствените редови. Само тие знаеле што е најдобро за сите други, па ќе ја игнорираат и волјата на мнозинството ако треба, дури и кога две третини од нив им бојкотираат референдум, јасно кажувајќи им што мислат за нивниот договор со јужниот сосед. Тие се бањатите, дотераните, умните и способните и само тие имаат право да работат во државната администрација, а другите ако сакаат на Северен пол нека емигрираат наместо да им слугуваат во Северна.

Тоа е таа државотворна партија што, кога се раѓаше независна Македонија, инсистираше конститутивната седница на првото плурално Собрание да се отвори прво со југословенската химна, а бараше и сликата од Тито да биде двојно поголема од тие на Гоце и на Даме на ѕидот зад парламентарниот спикер. Тоа се тие „визионери“ што ги сменија името Република Македонија со БЈРМ за меѓународна употреба „за два месеца“ и државното знаме со Сонцето од Кутлеш со „вентилаторот“ на Грчев „за стално“. Тие се „прогресивците“ што вештачки ги албанизираа Струга и Кичево преку Законот за територијална организација.

Тие се „менаџериштата“ што ја спроведоа криминалната приватизација, од која стотици илјади работници останаа на улица. Што го продадоа ЕСМ на ЕВН, иако и нивните ги преколнуваа да не го прават тоа со компанијата од стратешко значење за секоја држава. Тие се тие што „патриотски“ тепаа во Мала Речица за да ја замаглат девалвацијата на денарот, за две децении подоцна да порачаат дека ним не им личел патриотизмот.

Но, сето ова веќе е историја, како што најдоцна до декември 2020 година ќе замине во историјата и оваа булумента. Судбината на идеолошкиот побратим ПАСОК, кој со децении се менуваше на власт со Нова демократија во Грција, за сега да спадне на 18 пратеника од 300 во Парламентот, и тоа како дел од левичарска коалиција, е најдоброто што може да им се случи. Свесни за тоа, колку и да го глумат спротивното, решија да си го доистераат мандатот, како што сторија и од 1994 до 1998 година, како и од 2002 до 2006 година. Пред да се маргинализираат.

Дотогаш ќе има уште ќерки, синови, браќа, дедовци, баџанаци, зетовци за вработување на „државна цицка“. Ќе има богами и мрсни тендери за сите можни патокази, табли, натписи, лични исправи, документи, формулари, карти, учебници и што уште не за менување со новото име на државата. Па, патни трошоци, службени патувања, субвенции, тендери за јавни работи… О-хо-хо! Кој е будала да оди на избори?

Партија со ваква стратегија не треба да се грижи за својата иднина. Иднина – нема. А, ако продолжи со цунамито на сите полиња како во моментов, нема да има, богами, ни – сегашност.

SHARE

3 Коментари

  1. Жално, но вистинито. Сосема точен приказ на, сега веќе, северџаните. Си направија и свој етникум!

  2. Денес имав прилика да разговарам со повеќе, како милуваме да речеме, обични луѓе.
    Ме интересираше како гледаат на овие настани со промената на уставот и промената на името Македонија, па така на сите им го поставив прашањето за нивен став и ставот и мислењето на нивни познаници пријатели и…
    Веднаш да одговорам од сите нив (значи луѓе кои гласале и за сдсм и за вмро-дпмне, кога е во прашање Македонија меѓу нив нема разлики) се слушна ДЕКА СЕ ПРОТИВ ПРОМЕНА НА ИМЕТО ДЕКА СЕ ОГОРЧЕНИ И СЕ ЧУСТВУВААТ ПРЕДАДЕНИ од пратеници и партиите.
    (со ова се потврдува моето мислење дека некој стратешки партнер дошол до сознание дека што и да се случи Македонците НИКОГАШ нема да се согласат со промена на името Македонија, затоа ги поткупија и двете коалиции и ги претворија во квислинзи за да одработат против својот народ!)
    Само да прецизирам дека сите тие се Македонци, значи не се работи за анационални типови или за припадници на малцинства.
    Како што слушнав за голема огорченост исто така почуствував па и слушнав дека се молат за лидер за државник, за човек Македонец кој ќе застане на чело, а многу од нив ќе застанат зад него за да си ја вратат Македонија!

    Што се однесува до текстот погоре, изобилува со полувистини и обид вината и одговорноста за ВЕЛЕПРЕДАВТСВОТО да се истовари врз сдсм, точно е дека раководството на таа квислиншка групација предничи, НО, што е со вмро-дпмне тие секогаш беа тука за да припомогнат со гласови, со амортизирање на социјалниот набој, всушност кога е во прашање велепредвството на Македонија се прашувам кој е од нив повеќе заслужен!

    Единствено што ме радува е што видов дека претседателските ќе бидат уште поголем дебакл и за сдсм и вмро-дпмне, ми се чини дека и да имаат заеднички кандидат сите партии, прашање е дали ќе соберат 400.000 гласови, вкупно а од Македонците мах. 70.000.

    Не знам како сето ова ќе заврши ама е сигурно дека отпорот и гневот кај Македонците секој ден станува се поголем!

Оставете Коментар