Спасовски: За бегството на Спасов да одговорат обвинителот и судијата…


Врз основа на кои проценки било дозволено да му се направи прекин со судска одлука на затворската казна на осудениот за убиството на Мартин Нешковски, Игор Спасов кој е во бегство, праша денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, според кој на ова треба да одговорат обвинителот и судијата.

„Сите разговараме за тоа како сега ќе го решиме проблемот откако тој ја напуштил државата. Прашањето е клучно и за тоа мора да се сноси одговорност, мора да одговори и обвинителот и судијата врз основа на кои проценки е дозволено да му се направи прекин со судска одлука на издржувањето на казна затвор“, рече Спасовски одговарајќи на новинарско прашање како побегнал и каде е Игор Спасов.

Според министерот за таквите прекини на издржувањето на казната затвор се известуваат веројатно Агенцијата за извршување санкции и Казнено – поправните установи, а МВР не добива такви информации.

„Ние дознаваме во моментот кога тие бараат да го пронајдеме.Тоа покажува колку овој систем е нефункционален, па би рекол можеби и корумпиран, затоа што јас не знам од кој аспект се цени одлуката и тоа како предлог што се дава одредена личност да биде пуштена на прекин на казна“, изјави Спасовски.

Тој апелираше до сите институции сериозно и одговорно да ги разберат пораките од јавноста дека правдата мора да ја постигнеме сите заедно.

„Правдата не може да биде една институција. Кога говорам, говорам со факти, не може еден ден да ги апси МВР, да спроведува истраги, да води предистражни постапки, за утредента да ги видиме на слобода заради тоа што некој судија или обвинител одлучил на таков начин“, рече министерот Спасовски.

SHARE