Спиеш ли мирно Царовска Мила? – пишува Горан Момироски

Кога слушнав првично за случајот не можев да поверувам. Мислев дека повторно се работи за политичка пресметка и дека се работи за обичен „рекла – казала“ муабет. Дури сакав да верувам дека се работи за обичен обид да се атакува на имиџот една од најпопуларните членови на Владата.

Кога ги слушнав деталите се згрозив, како родител, како човек а дури потоа како новинар. Сеуште не верував. И не сакам да верувам.

Кога ги видив фотографиите збеснав. Сакав да отидам и на тој што правел насилство врз деца да му пресудам лично. Во 21 век во земја која ја води самонаречена проевропска влада, во ресорот кој го води најевропската министерка, се случува катастрофа и никој мува не го лази.

Но се воздржав. 30 дена истражував. И се е точно. За жал.

Има повеќе луѓе одговорни за личната трагедија на деца за кои сите имаме обврска да се грижиме. Но една е главноодговорна.

Би и препорачал на министерката Царовска, пред утре да седне со твојот ПР тим со цел да бара начин да ја спинува оваа колумна и целиот случај, односно да направи контрола на штетата, и пред да тргне да се советува со своите шефови во владата, да седне и добро да размисли.

Добро да издума дали вреди да бара одбрана. Затоа што против оваа ситуација нема достоинствена одбрана освен ако и самата зашеметена од високата функција не се обиде безочно да манипулира или да жртвува други луѓе за да ја скрие својата одговорност.

Кога се консултирав со некои луѓе на темава (а зборував со над 20 луѓе за различни аспекти на проблемот), ми рекоа дека Царовска е една од најпопуларните личности во Владата, дека особено ја сака и почитува невладиниот сектор од каде и самата доаѓа.

Искрено и мене ми е симпатична, ме бендисаа нејзините комуникациски вештини, плод на личен тренинг и веројатно наследен талент. Ми се допаѓа и начинот на кои зборува за тоа што го работи, за енергијата која што ја шири во ресорот што го води. Поздравував и некои нејзини чекори во Труд и Социјала, за начинот на кој решаваше проблеми пред се за децата кои имаат потреба од општествена грижа, за решавање на проблемите на маргинализирани групи во оваа наша балканска волкоебина.

Неколку мои пријатели ми рекоа дека направила многу за кратко време и дека не заслужила на овој начин да ја повикам на одговорност.

Но овде не се работи за тоа дали ние се сакаме или мразиме, дали сме за ваква или таква Македонија, дали се менува името или уставот. Овде се работи за најголемата трагедија што може да се случи на светот, иако болат и името и уставот и многу други чекори на владата во која се наоѓа Царовска.

Овде се работи за уништени детски сништа дека луѓето се луѓе а не ѕверови кон кои треба да се однесуваме како ѕверови. Доволно е што ние возрасните се однесуваме како ѕверови.

Овде се работи за прекршени основни човекови поточно детски права без никој да одговара за тоа.

Да, точно е, постои теоретска шанса Царовска да не знаела за уништениот детски мир, за непроспаните ноќи на деца кои искрено веруваат дека светот е добар и дека и тие треба да бидат добри со светот. И додека се деца и кога ќе пораснат.

Но дури и да не знаела за што зборувам, дури и да не била информирана од тие што ги поставила за одговорни, Царовска и самата сноси одговорност. На повеќе нивоа. Таа морала да знае што се случува а ако не знаела тогаш има морална одговорност затоа што не знаела.

П.С.

Да сум на местото на Царовска нема да се обидувам да го објаснувам ова со политички напад од „небањатите и небричени вмровци“. Ниту дека ја мести некој од нејзината партија или коалиција на власт за да и го земе министерското место.

Ова не е политичка тема и напад од критички настроен новинар кон власта. Ова е крик на човек кој што има деца и знае како би реагирал ако некој така се однесува кон нив и кон било кое друго дете.

Подобро би и било да не се обидува да го скрие проблемот под черга, да биде достоинствена за да не се вмешуваат јавно ионака зашеметените детски судбини во приказната на возрасните. Приказна во која секој мора да има одговорност. Министерката прва, а потоа и сите други.

Тоа што Царовска досега не повикала никого на одговорност е најголем доказ дека и таа е виновна за приказната што ќе ја раскажам во детали деновиве ако многу брзо нема никакво поместување во случајот на насилство врз деца во институција под нејзина контрола.

Не би препорачал да ме контактираат од нејзиниот кабинет, затоа што тоа ќе значи дека Министерката не знае што и се случува во ресорот.

SHARE

4 Коментари

  1. Што најавуваш толку помпезно бе Горан. На крај ќе испадне тресла се гора, родио се миш. Тоа што искривено ја гледаш реалноста и погрешно расудуваш, веќе е познато. Ајде, кажи што сега „виде“ и што „заклучи“ од „виденото“. Кој „правел насилство врз децата“, на кого ти ќе си одел „да му пресудиш лично“, а поради кое е одговорна министерката и не треба „мирно да спие“? Или тоа ќе го разбереме во 36-тиот текст од денес?

  2. Димитров е шпион и лудак, без капацитет да потпише било што, како непресметлив и од фактот дека сам признава шпионско делување дури од 2010. Оној момент кога кажа дека народот е искомплексиран и дека се срами од сопствениот народ и се ова го кажа во Собранието на РМ обраќајќи се како Министер за надворешни работи на РМ, тој момент докажа ДЕКА Е ЛУД и НЕПРЕСМЕТЛИВ, и дека не е во психичка состојба да потпише ништо што е правно обврзувачки! ПОНИШТУВАЊЕ ПРЕСПАНСКИОТ, а Димитров и Заев во лудница!

Comments are closed.