Спиеш ли мирно професоре Малески – пишува Горан Момироски

Со денови, недели, години се прашувам вреди ли да се дебатира, да се докажува дали нашите претци биле Срби, Бугари или Македонци.

Заклучокот е едноставен. Се додека има такви кои поставуваат небулозни тези дека за разлика од сите други кои се автентични ние сме станале народ и нација со инжинеринг, со декрет и во точно определен историски момент вреди да се дебатира. За да се разбијат позициите на оние што за малку златници или водени од сопствените фрустрации и злоба кон сопствениот народ забивсле и се уште забиваат чивии во борбата што трае со векови.

Овој пат дебатата за нас ја води Си Џеј Берген, издавач на локален весник во Пенсилванија, САД. Јас само ја пренесувам.

Исечок од весникот Харисбург Телеграф од пред 106 години целосно ги негира тврдењата на бугарските политичари кои поткрепени од ставот на професорот Денко Малески тврдат дека до 1944 година Македонците биле Бугари а сега зборуваат ист јазик.

Текстот во весникот издаван во градот Харисбург во американската сојузна држава Пенсилванија кој зборува за прослава на светите Кирил и Методиј прави јасна дистинкција меѓу македонскиот и бугарскиот јазик но и меѓу Македонците и Бугарите како различни народи кои имаат богослужба на својот различен мајчин јазик во свои посебни цркви.

Професорот Малески кој водејќи се од своите светогледи и лични интереси треба да одговори на 4 прости прашања кои произлегуваат од овој мал текст објавен во Америка ако сака да биде сериозен во своите, најблаго кажано чудни позиции.

1. Зошто еден народ со ист јазик би правел богослужба на два јазици во две различни цркви?

2. Зошто американски новинари пред повеќе од еден век би пишувале за две различни заедници со свој посебен јазик ако тоа не било реалност?

3. Дали и американските медиуми во првата светска војна биле под влијание на Тито и комунистите и во историографијата на САД на бугарскиот народ и нација им додавале Македонци и македонски јазик.

4. Зошто некоја заедница која немала своја држава пред 106 години би градела своја црква различна од бугарската и на локалната американска заедница би и наметнала наратив за различна етничка група од бугарската?

Предходно Малески тврдеше дека македонската историографија на некои места го бришела зборот Бугари за да го замени со зборот Македонци.

Текстот во Харисбург Телеграф е објавен на 25 мај 1914 година цели 12 години пред да почине Крсте Петков Мисирков кој според изјавата на професорот Малески за бугарските медиуми не бил Македонец туку Бугарин.

Весникот Харисбург Телеграф почнал да излегува во 1879 година пред да биде роден Тито и далеку пред се формира Коминтерната. Бил издаван од издавач кој нема никаква врска со Македонија.