По вчерашните три медала, денеска уште два за Македонија на 20. Медитерански игри во Таранто, кадешто Вероника Консевич освои бронза во борење слободен стил, а Ален Рустемовски обезбеди медал во бокс со пласманот во полуфиналето.
Консевич во категоријата до 57 килограми славеше со 7-5 над Милица Перовиќ од Србија и радоста ја сподели со своето 11-месечно бебе, кое ѝ беше дополнителна мотивација.
Рустемовски во голем стил триумфира над Ариол Зенели од Албанија во категоријата до 60 кг, принудувајќи го судијата во рингот да ја прекине борбата 39 секунди пред крајот на третата рунда, кога го испрати противникот на подот.
Негов противник утре од 15 часот ќе биде Еварт Андрес Марин Ернандез од Шпанија, кој го победи Гркот Јоргос Плеас со 5-0.
Со по два сребрени и бронзени медали досега, Македонија е на 18. место меѓу 22 земји на листата на освојувачи на одличја на Игрите во Италија, кадешто настапуваат спортисти од 38 држави од Медитеранот, а според бројот на освоени медали „црвено-жолтите“ се 14.
